Почетна » Новости » Животни стории » Апел од Македонец кој бил малтретиран на училиште: „Научете ги децата на љубов, да ги почитуваат сите, без разлика... “

Апел од Македонец кој бил малтретиран на училиште: „Научете ги децата на љубов, да ги почитуваат сите, без разлика... “

Во пресрет на новата учебна година, Кире Иванов објави искрен текст кој никој не смее да го прескокне без да го прочита.

23-годишниот студент сподели дека во школските години бил редовно малтретиран физички и психички и ги повика родителите и просветните работници да обрнат многу повеќе внимание на булингот, затоа што недискутабилно остава трајни последици.

Кире Иванов

Август навршува, деновите стануваат пократки, ноќите поладни, а мене сѐ уште ме фаќа анксиозност од помислата дека иде 1-ви септември.

Иако сум 23 години, пред дипломирање (има време, хехе), години подоцна јас чувствувам страв од истиов датум. Имав потешкотии со учењето, да. И уште ги имам. Чудно ми беше како може некој толку брзо да запомни најпроста дефиниција, а мене за тоа ќе ми требаше време и време, како може некој толку течно да чита, а мене зборовите ми шетаа по учебниците, како може некој да не ги меша буквите дур пишува, а тетратките мои целите беа шкртаници... Во средно енус дознав дека имам дислексија.

Ама, сепак, тоа не беше причината да мразам да одам на школо. Бев мирно детенце, повлечено, исплашено. Од некоја причина бев ептен слабичко, колку и да јадев. Сакав ликовно. Имав еден најдобар другар, и мнооогу женски другарки. Фудбал и секој друг спорт ми беа шпанско село. Физичко мразев.

И така, тоа беа доволни причини за моите врзници да ми вршаат булинг. Скоро секој ден јас бев малтретиран во школото. Психички и физички. Скоро секој ден моите врсници наоѓаа причина за да ме удрат, или да ми кажаат некои погрдни зборови. Од прво до осмо одделение трпев психо-физичка торура во училниците. Не можам да ви опишам колку мразев да одам на школо. И колку се мразев самиот себе. И колку бев немоќен да превземам нешто. А знаете ли што беше најжално? Секој ден се жалев на учителката, секој ден се жалев на класната. После следниот ден, пак беше исто. Ги викаа настрана да разговарат, ама џабе. Педагогот и психологот во школото беа за украс. Фигури затворени во канцелариите на кафе муабети. На никој не му беше гајле за менталниот развој на детето. На никој не му беше гајле дали едно малолетно дете ќе си оди дома истрауматизирано и исплашено и понижено и малтретирано. Нѐ учеа дека околината го формира карактерот на човекот дур е мал, но, на никој не му беше гајле за тоа... Битно беше да се одржува просекот на учениците - деца на родители со повисок социјален статус во општеството: доктори, заболекари, газди на фирми, бизнисмени...

И така, после многу години, јас прв пат преговорувам јавно, на фејсбук статус, за моите тегоби шо ги трпев дур растев. Не можев ни дома на моите да кажам. Страв ми беше. Ама да знаете, им опростувам на моите врсници. И после многу многу години, I can not hold grudge. Сега кога сум позрел сфатив дека тие не беа криви што ме малтретираа мене, туку нивните родители. Децата, (но не и секогаш), се одлика на нивните родители. Родителите се криви и секогаш ќе бидат криви за односот на нивните деца спрема околината.

Гледам моја генерација почнуваат да стануваат родители, па ве советувам да си ги воспитате децата со љубов, а ако има семејно насилство, дали врз детето од вашиот брачен другар, дали помеѓу вас - пријавете, во никој случај не дозволувајте вашето дете да трпи такво нешто, а отпосле да го истура гневот во школото врз некое мирно дете. Научете ги децата на љубов, научете да ги почитуваат сите, без разлика на пол, боја на кожа, етничка припадност, социјален статус...

А ако сте учител(ка), наставник(чка), професор(ка), педагог, психолог, директор(ка), ве повикувам да не бидете индиферентни спрема вакво однесување на ученик спрема ученик. Булингот е сериозен проблем. Побарајте ги нивните родители и известете ги. Булингот не е за игнорирање. Остава трајни последици. Единствената одговорност во школото не ви е да предадете лекција и да земате плата.
Превземете одговорност.

Неговото писмо наиде на многу позитивни реакции на Facebook.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20834 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.