Онаму каде што има хуманитарна криза, таму е Хозе Андрес.
Шпанско-американскиот кувар преку својата непрофитна организација „World Central Kitchen“ постави мобилни кујни на границите со Украина, но помага и во самата земја, за да им овозможи топол оброк на оние кои имаат најголема потреба од тоа во моментов – бегалците.
Андрес и неговата организација досега имаат нахрането повеќе од 8.000 лица, но нивната мисија не застанува тука. Гледајќи што се случува околу него, тој постојано низ солзи испраќа пораки до светските лидери да преземат мерки да се спречи насилството.
„Животот не е игра ‘Монопол’. Животот е реалност. Сиромашните секогаш се соочуваат со последиците“ – порача човекот кој е посветен да им помага со храна на оние кои се соочуваат со природни катастрофи.
„Луѓето не престануваат да доаѓаат. На луѓето им студи. На семејствата им студи. Го носат со себе она што можат да го понесат, а тоа е еден куфер. Тие ги носат и нивните деца. Многу е студено. Не знам како успеваат луѓето. Ние помагаме надвор од Украина, но и во Украина. Имаме ресторан во Одеса каде во моментов се хранат бегалци. Има многу начини на кои можеш да се бориш. Некои луѓе се борат така што ќе се осигурат дека луѓето се нахранети, а тоа се нашите луѓе. Ние ќе ги поддржуваме на секаков начин“ – рече тој во едно од видеата.
‘What you’re gonna see is that people don’t stop arriving’ — Chef José Andrés is serving thousands of fresh meals to Ukrainian families through his nonprofit, World Central Kitchen pic.twitter.com/U7Iv5aLKZ4
— NowThis (@nowthisnews) March 2, 2022
Според најновите податоци на УНХЦР , бројот на бегалци од Украина во соседните земји достигна еден милион лица.
„Сега ќе одам во мојот удобен хотел, како што многу од нас се среќни што се во нивните удобни домови. Тешко е да се знае дека дури и во овој момент има многу жени, бидејќи мажите остануваат, со деца кои пешачат со часови за да излезат од Украина, на безбедно, во други држави. Зошто ги ставаме младите мажи и жени во оваа ситуација? Не научивме доволно од хорорите на минатото. Мораме да им се спротивставиме на лидерите кои нè разделуваат“ – вели Андрес.
„Срцето ми се крши за Украина. Но, духот на Украинците ме полни со надеж. Во Киев, нашиот партнер-ресторан ‘Mafia’ припрема оброци за засолништата, болниците и медицинските баталјони“ – пишува вработен во организацијата.