Обединетото кралство и членките на Комонвелтот се збогуваат со принцот Филип. Денеска се одржа погребот на Војводата од Единбург со специјален протокол поради коронавирусот.
На церемонијата, која ја одразуваше неговата долгогодишна кариера во воената и јавната служба, присуствуваа само 30 од неговите најблиски. Со маски и на дистанца, ужалените му оддадоа почит на Филип.
Во поворката до капелата Свети Џорџ во замокот Виндзор беа вклучени девет членови на кралското семејство. Ковчегот превезуван во специјално модифициран Land Rover беше следен прво од четирите деца на Филип – принцот Чарлс, принцезата Ана и принцовите Едвард и Ендру. Потоа чекореа принцовите Вилијам и Хари, а помеѓу нив Питер Филипс. Наводно, поради влошените односи на браќата, Кралицата наредила нив да ги „раздвои“ нивниот братучед.
Потоа следуваа сопругот на принцезата Ана, Тимоти Лоренс и грофот од Сноудон.
Кралицата Елизабета II, која 73 години беше во брак со принцот Филип, пристигна во Bentley и за време на црковната церемонија седеше сама.
Принцот Филип почина на 9 април на 99-годишна возраст по хоспитализација поради проблеми со срцето.