Таа е единствената Британка која може да вози автомобил без возачка дозвола. Нејзе не ѝ е потребен пасош за да патува и секоја година слави по два родендена. Кралицата Елизабета Втора е интересна личност со најдолга историја на британскиот престол.
Денес Нејзиното Кралско Височество Елизабета Александра Мери Виндзор официјално стана монархот кој најдолго владеел со Обединетото кралство. Таа за првпат седна на тронот на 25-годишна возраст. Во 17 часот по лондонско време, таа ќе го надмине рекордот на кралицата Викторија, која владееше цели 23.226 дена, 16 часа и 23 минути.
Без да му придава големо значење, а со цел да го одбележи овој момент од британската историја, Бакингемската палата објави фотографија на која кралицата Елизабета разгледува документи. Фотографијата е направена од Мери Мекартни.
Еве 15 интересни факти за најпознатата Британка, кралицата Елизабета Втора:
- Слави два родендена – еднаш на датумот на раѓање 21 април и еднаш на „официјалниот“ роденден во сабота во јуни.
- Е единствената личност во Британија која може да вози без возачка дозвола и регистарски таблици. Иако за јавните настапи таа има свој возач, во приватниот живот до ден-денес сама го управува својот автомобил. За време на Втората светска војна, Елизабета возела камион за прва помош.
- Може да патува низ светот без пасош или документи за патување.
- Се заљубила во својот сопруг принцот Филип на 13-годишна возраст и тогаш започнале да си разменуваат писма.
- Секоја од нејзините омилени чанти од брендот „Launer“ има и складен паричник, огледало и футрола за очила.
- Има приватен банкомат инсталиран во визбата на Бакингемската палата.
- Пред кралицата да облече нови чевли, некој друг ги носи извесно време. Идејата е обувките да станат супер удобни.
- Им испраќа сигнали на своите помошници преку својата чанта. Кога таа ќе ја постави чантата на масата, ѝ кажува на својата придружничка дека за 5 минути сака да го напушти настанот.
- Може да се каже дека е добар механичар. За време на Втората светска војна, таа била тренирана да одржува најразлични моторни возила.
- Речиси секогаш носи шешир, ракавици и чанта, бидејќи верува дека тоа е правилниот начин на кој треба да се облекуваат жените.
- Обожава коњи и е страстен јавач. И покрај напредната возраст, кралицата Елизабета често е фотографирана додека јава.
- Умее да користи оружје.
- Позирала за повеќе од 130 портрети. Нејзиниот прв портрет бил направен кога имала само 7 години.
- Имала повеќе од 30 кучиња, а особено сака корги. Годинава беше објавено дека таа престанала да ги размножува кучињата и да посвојува нови, бидејќи има 89 години и не сакала да ги остави по својата смрт.
- Најчесто носи облека во силни впечатливи нијанси за да ја истакнуваат во големите толпи кои ги привлекува.