Почетна » Новости » Актуелно » „Никогаш не велам никогаш“: Интервју со шармантната Марија Атанасовска од Телма

„Никогаш не велам никогаш“: Интервју со шармантната Марија Атанасовска од Телма

Грациозна, ненаметлива, исклучително елоквентна и со хармоничен глас кој можете да го слушате со часови. Марија Атанасовска е вистинско задоволство да се следи на телевизиските екрани, затоа што инстантно плени со професионалноста со која ѝ пристапува на секоја емисија и со внимателниот избор на соговорници од кои секогаш учиме нешто ново.

Со шармантната авторка на „0м+“ и „Телма амбуланта“ начнавме повеќе теми. Поразговаравме за почетоците на новите ТВ-приказни кои ги разјаснуваат дилемите на родителите и навлегуваат во суштината на медицинските проблеми и нивните решенија; за нејзините погледи на мајчинството; за нејзината љубов кон музиката; за инспирацијата за самоподобрување...

Марија Атанасовска во студиото на ТелмаМарија Атанасовска во студиото на Телма

За аплауз е што фокусот ви е на телевизиски емисии кои даваат стручни одговори на медицински недоумици и родителски грижи. Кога се родија идеите за „0м+“ и „Телма амбуланта“? Дали имаше конкретен момент кој ве поттикна да се упатите токму во оваа насока?

„Многу внимавам гостите да бидат најстручните во областа за која зборуваме и јас солидно да се подготвам“
Марија

- Мојот ангажман со темите од областа на здравството започна во 2016-та, кога се вратив на работа од породилно отсуство. Ми беше предложено да правам емисија за бебиња, што го прифатив со големо задоволство. Како мајка на две мали деца, бев совршено упатена во проблемите и предизвиците на родителството. Така се роди магазинот за родителство 0+месеци. Сфатив дека емисијата нуди неисцрпни теми. Соработував со најдобрите педијатри, детски психолози и психијатри, советнички за доење. Интервјуата ги темелев на директни, кратки и јасни прашања кои всушност беа најчестите родителски дилеми. Тоа беа работи што и мене ме мачеа.

На гледачите им се допадна магазинот, па по завршувањето на проектот во 2019-та, често добивав прашања дали и кога повторно ќе се врати во програма. Дури имаше и онлајн петиција за враќање на телевизиските екрани. Еве, од оваа сезона повторно ќе можат да го следат секој понеделник во 12 и 45.

Во меѓувреме, добив можност да ја водам Телма амбуланта. Уште еден убав и голем предизвик. Со оглед на тоа дека и на другите телевизии се емитуваат емисии од здравството со сличен концепт, се обидов да пристапам на поинаков начин. Да зборуваме за конкретен проблем, да појасниме што е вистина, а што заблуда во убедувањата на средината за одреден здравствен проблем или болест. Ги следам форумите на интернет за да препознаам што би било интересно за гледачите и да го обработиме во емисија. Многу внимавам гостите да бидат најстручните во областа за која зборуваме и јас солидно да се подготвам.

Отсекогаш мојот пристап на работа се темелел на истражување и сериозен пристап кон конципирањето интервјуа и прилози. Така беше и кога работев музичка емисија. Никогаш немаше импровизации иако во таков тип на музички магазини тоа можев да си го дозволам. Но ете, карактер.

Низ годините имате слушано небројни квалитетни совети од вашите гости во Телма. Има ли препорака која силно посакувате да ја знаевте многу порано?

„Бебето треба да цица кога сака, колку сака и каде сака. Тоа е лекцијата што ми го разубави мајчинството со втората ќеркичка.“

- Заедно со гледачите и јас учам за здравјето и здравите животни навики. Можеби ќе ми беше полесно ако го знаев она што сега го знам за доењето. Пред 10 години минав низ вистински кошмар при доењето со мојата прва ќерка. Во првите три месеци, не знаев што е јаве, а што сон. И сето тоа заради доење со часовник. Бебето треба да цица кога сака, колку сака и каде сака. Тоа е лекцијата што ми го разубави мајчинството со втората ќеркичка. Направив многу емисии на тема доење со стручни лица коишто имаат познавања во областа. Ни гостуваа советнички за доење и од регионот. Дел од емисиите се споделени на интернет. Сè уште ми пишуваат мајки колку им помогнале видео советите во ситуација кога се сретнале со навидум мали проблеми коишто понекогаш создаваат големи турбуленции во родителството.

Во Телма амбуланта секојдневно учам нешто ново. Еве на пример, јас уживав секој ден во едно до две бразилски оревчиња. Но, најновите истражувања покажале дека содржат толку голема концентрација на селен, што треба да се консумира едно до две во неделата ако имате здравствена потреба за селен, или едно до две во месецот ако немате. Во спротивно, може да дојде до труење со селен. Ова ми е најсвежо и затоа го издвојувам.

Марија Атанасовска во студиото на Телма

Активно се обидувате да ги разјасните и ублажите сомнежите и стравовите на родителите во „0м+“ на Телма. Кој е вашиот најголем страв како мајка?

- И јас се соочувам со сомнежите и стравовите што ги имаат сите родители. Затоа и толку емисии на таа тема. Сите се грижиме за физичкото и психичко здравје на децата особено во пандемијата. Размислуваме како на нив влијаат социјалните медиуми, колку време е здраво да се минува на мобилен, како да нема револуција дома ако се ограничи времето предвидено за екран. Како да јадат доволно ако се пребирливи, содржат ли премногу пестициди продуктите што им ги сервираме, колку витамин Д да се даде, дали доволно време се надвор на воздух... Ова се малите грижи.

Секако дека тука се и стравувањата како ќе изгледа нивниот живот во ова општество, ќе бидат ли доблесни и сочувствителни и кога ќе пораснат, ќе бидат ли живи, здрави и среќни... Се грижиме за сè, и за она што го живееме во моментот и за она што ќе претстои. Но, тоа е родителството. Има убавина и во стравувањата и грижата за своите најмили. Затоа што произлегуваат од безграничната љубов.

Како искусна мајка, кој е примарниот совет што би го упатиле кон оние кои допрва планираат бебе или веќе се во рана фаза од мајчинството?

„Инстаграм мајчинство, комплетно нереално.“

- За оние што наскоро треба да се реализираат како родители, советувам да не се грижат само за бремeноста, туку да се подготват и за првите денови и недели од мајчинството. Бидејќи повеќето имаат романтизирана слика за она што следува - бебе што мирно спие во едната соба додека мајката ужива, наспана и нашминкана во утринското кафе. Инстаграм мајчинство, комплетно нереално. Да посетуваат работилници за доење доколку се решиле нивното бебе да цица или работилници за грижа на бебето во првите денови во домот. Кај нас ги водат стручни лица, еве ќе ги издвојам Лулка и Астарта.

А оние што се во раната фаза на мајчинството, да следат само стручни совети. Да бидат опуштени и да уживаат во деновите минати со своето бебе бидејќи брзо минуваат. Не е само фраза дека децата пребрзо растат. Навистина е така.

Марија Атанасовска во студиото на Телма

Имате ли пронајдено формула за воспоставување на баланс работа-личен живот? Дали работата ја оставате на работа или понекогаш го пречекорува куќниот праг?

- Кај мене професионалниот и приватниот живот отсекогаш биле испреплетени. Не сум успеала никогаш строго да ги разграничам. Сепак, голем дел од темите што ги обработувам во емисиите произлегле од моето искуство со родителството или пак од некој здравствен проблем на мој близок или познаник. И не ми пречи што е така. Бидејќи си ја сакам работата и не ни забележувам кога ја внесувам во домот. Засега, од домашните никој не се пожалил 😀.

Македонската јавност ве засака како страсна љубителка на добрата музика преку Twisted City (Т-Град). Колку музиката е дел од вашето секојдневие? Има ли песна која ја слушате на „repeat“?

Музика слушам и кога сум среќна и кога сум тажна.

- Мојата постара ќерка е убедена дека секое утро слушам иста песна. Ми го има кажано тоа неколку пати. А не е вистина, песните што ги слушам нејзе и звучат исто 😀. Има периоди кога повеќе сум наклонета кон еден стил наспроти друг, но во принцип, изборот е музички шаренолик. Отсекогаш сум ја сакала музиката, и клупската и таа што се слуша во домашен амбиент. Музика слушам и кога сум среќна и кога сум тажна. Тоа е нешто што не се менува.

„0м+“ и „Телма амбуланта“ се комплексни проекти на ТВ Телма кои бараат потполна посветеност. Колку време и подготовки се вложуваат пред ние гледачите глатко да ја апсорбираме содржината во десетици минути?

- Овие емисии бараат голема подготовка, а се емитуваат секој работен ден. Секојдневно читам од релевантни извори за темата што се емитува утредента. Сметам дека имам одговорност пред гостинот и гледачите да бидам добро подготвена за темата на која зборуваме. Но, тоа воопшто не ми е проблем бидејќи имам истражувачки дух. Секогаш во студио влегувам со разработен концепт кој се надевам дека го задржува вниманието на гледачите.

Марија Атанасовска во студиото на Телма

Што ве мотивира да се надградувате како индивидуа? Од каде ја црпите инспирацијата за самоподобрување?

- Животот бара постојано учење, надоградување. Тоа е цел која самите си ја поставуваме. Јас сум прилично самокритична, секогаш си наоѓам по некоја маaна, па тоа ми е непресушен поттик за одење напред. Се надевам кон подобро.

Ако имате само секунди да го обмислите идеалниот ден за вас, опишете како би го започнале и како би го завршиле?

- Би го започнала наспана. За жал, несоница ме мачи периодов. И би го завршила веројатно со чаша бело вино или мартини покрај море, а потоа би легнала и веднаш цврсто би заспала. Ништо подобро од добар сон за убав ден.

Вашето животно мото е...

Никогаш не велам никогаш!

- ...никогаш не вели никогаш. Тоа ми се потврдило во повеќе наврати. Пред петнаесетина години бев цврсто убедена дека музиката ќе биде моја животна професионална определба. Не можев да замислам да работам нешто друго, а уште помалку во утрински термин. Но, ете, еден период бев водителка на утринска емисија. Признавам, кога ми соопштија ми беше шок. Ми се случи на гостите во студио да им посакам „добро вечер“ во 8 часот наутро, бидејќи 15 години пред тоа водев телевизиски и радио емисии што се емитуваа во вечерни термини. Така што, никогаш не велам никогаш!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19781 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.