Почнувајќи од утре (среда, 22 септември) повторно стартува попопуларната Утринска програма на Телма со нови, атрактивни содржини, познатиот водителски пар, но и со нови ТВ лица кои го засилуваат тимот на „утринците“. Секој работен ден од 6:55 часот, па се до 12:30 часот, гледачите на Телма ќе може да се информираат за важните настани во текот на неделата, сервисни информации, актуелни теми, како и да се релаксираат со забавни содржини. Враќањето во етер на Утринската програма на Телма е дел од новата збогатена програма на телевизијата за претстојната сезона во која уредничкиот тим заедно со веќе докажаните, но и нови телевизиски лица, ќе им ги доближат на гледачите најновите информации и случувања од дома, регионот и светот.
Тимот на „утринците“ оваа сезона го предводи познатиот новинар Горан Петрески кој на гледачите ќе им понуди атрактивни гости со кои ќе разговара, анализира и дебатира на актуелни општествени теми. За утринското будење со интересни содржини е задолжен веќе докажаниот водителски пар Цеце Тодосовска и Марко Марк, кои добија засилување со популарните ТВ лица Ивана Манговска и Ненад Георгиевски. Во утрешната, прва утринска емисија од оваа сезона, тие ќе вежбаат јога со Лејла Рамковска, ќе слушнат за заедничките доживувања на Игор Џамбазов и Илина Арсова, ќе го испијат првото кафе со режисерката Теа Беговска, ќе разговараат со Народниот правобранител Насер Зибери и ќе се расонат пеејќи заедно со Кристина Арнаудова – Петровски.
Збогатените програмски содржини на Телма ќе понудат истражувачки стории, анализи и дебати преку докажаните емисии Код, Топ тема и Вин Вин, ќе пренесат топли и хумани приказни преку „Проект куќа со Кристина“, ќе ги отворат темите на денот во контактно-интерактивна форма преку „Црвена линија“ со Тина и Тео, а ќе понудат и многу нови содржини што ќе го исполнат етерот со навремени информации, едукација и забава.
На сечие задоволство, Телма продолжува да ги поставува трендовите во телевизискиот етер, пласирајќи најактуелни теми од сите аспекти на општественото живеење.