Споделете ги проблемите и темните мисли со пријател, ислушајте ги блиските кога сакаат да ја споделат нивната болка, зборувајте со некого ако помислувате да си го одземете животот, не ги осудувајте оние кои имаат самоубиствени мисли... Ајде заедно да ги препознаеме знаците и се научиме како можеме да спречиме трагедија.
Денес е Светскиот ден за превенција на самоубиства, кој има за цел да ја подигне свеста и да истакне дека овој проблем е многу почест отколку што си мислиме. Според Светската здравствена организација, на секои 40 секунди, некој си го одзема животот.
Годинава, луѓето од целиот свет се соочуваат со екстремен стрес и најразлични проблеми предизвикани од пандемијата со новиот коронавирус. Експертите стравуваат дека тоа ги зачестува суицидните мисли.
Самоубиството е трета по ред причина за смрт меѓу младите лица на возраст од 15 до 19 години, а дури 79% од самоубиствата се случуваат во земјите со ниски и средни примања. Има индикации дека на секоја личност која си го одзела животот, постојат 20 други лица кои се обиделе да го направат истото.
Предупредувачки знаци кои може да ви укажат дека некој планира самоубиство и кои не треба да ги игнорирате:
- Закани за самоубиство или искажување на желба за фатален крај. Околу 50-75% од луѓето кои планираат самоубиство го споменуваат тоа пред роднина или пријател. Секоја закана со самоубиство треба да биде сериозно сфатена.
- Интерес/истражување за начини за самоубиство.
- Опасно однесување или самоповредување. Прекумерната употреба на алкохол и наркотични средства или опасното возење може да укаже на тоа дека личноста повеќе не си го цени сопствениот живот.
- Прекумерна тага или нерасположеност. Долготрајната тага, екстремните промени во расположението, ненадејниот гнев и желбата за одмазда, се знаци кои не треба да бидат игнорирани.
- Безнадежност за иднината и очај. Не игнорирајте личност која вели дека нејзиниот живот нема смисла или дека само им е товар на најблиските.
- Неодамнешна траума предизвикана од губење на сакана и блиска личност, развод, болест, губење на работното место или финансиска криза.
- Несоница или предолго спиење.
- Повлеченост и изолација.
- Ментална болест како депресија, биполарно растројство, анксиозност.
- Подарување на важни лични предмети на блиските и разговори кои наликуваат на „последно збогум“.