По повод Светскиот ден на здравјето, Венко Филипче со видео порака им се обрати на здравствените работници, порачувајќи им да бидат горди на тоа што го работат и да се грижат за нивното здравје, бидејќи токму тие се хероите во оваа битка.
Драги колеги здравствени работници,
Ви оддавам посебно признание за клучната улога која ја имате во здравствената нега и грижата за нашето здравје. Вашиот труд и пожртвуваност спасуваат животи и токму заради вас луѓето веруваат дека ќе бидат безбедни и здрави.
Сега, здравството и здравствените работници се клучниот столб во државата. Верувам дека секој од вас знае колку е важно да издржиме, да останеме посветени, сконцентрирани и да дадеме се од себе да им помогнеме на нашите сограѓани. Да издржиме со справувањето со коронавирусот во земјава.
Овој ден е ваш ден, вие сте на пиедесталот. Бидете горди на тоа што го работите, на тоа кои сте и колку сте значајни за секој од нас. Ви го честитам денот на здравјето и здравствени работници искрено ви благодарам за се што правите да ја надминеме кризата.