За готвењето да биде поорганизирано, а воедно и да не губите време барајќи брзи рецепти кои ќе ги воодушеват вашите најблиски, Давор Панчевски од Dave’s Kitchen за крајот на оваа 2020 година подготви едно пријатно изненадување.
Тоа е новата веб страна www.daves-kitchen.com каде на едно место ќе најдете најразлични практични рецепти, идеи за декорирање на вашата трпеза, интересни приказни од патувањата на Давор и многу други корисни нешта кои ќе го претворат Вашето готвење во искуство за паметење.
- Изминатиов период напорно работев на неколку значајни проекти, меѓу кои и оваа веб страна. Таа е моето ново интимно катче во кое од сега, па натаму ќе ги споделувам рецептите од Dave’s Kitchen. Сите оние кои верно ме следат со години, повеќе нема да мораат да ги пребаруваат рецептите по објавите на Facebook и Instagram. Наместо тоа направивме една интересна и прегледна веб страна, каде што на едноставен начин ќе може да прелистуваат по најразличните категории на храна и пијалаци и мошне лесно да го пронајдат она што го бараат. Ме радува што успеавме да ја лансираме страната непосредно пред празниците и што оваа година полна со предизвици конечно ќе ја завршиме со нешто убаво, вели Давор.
Панчевски е креатор на брендот Dave's Kitchen, кој постои на македонскиот пазар повеќе од 5 години, а воедно и е автор на двата популарни готвачи - „Гответе насмеани“ и „Најдоброто од Македонската кујна“.
Од неодамна рецептите на Давор добија и свое видео издание кое што може да се погледне на неговиот YouTube канал, како на македонски, така и на англиски јазик.