Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Во „одбрана“ на мајките кои се породиле со царски рез
За мајчинските работи

Во „одбрана“ на мајките кои се породиле со царски рез

Неодамна се породи моја блиска роднина. Сосетката возбудена, што се вели уште неизлезено бебето, се нацрта кај мене пред врата.

„Како помина?“ – ме праша.

Супер, сè е во ред и со неа и со бебето“ – ѝ одговорив.

„Природно?“ – веднаш побрза да се информира со прашањето кое на луѓето им е во крвта да го постават во вакви ситуации.

„Да“ – кратко ѝ вратив.

„Ееее, значи виде што значи да си мајка“ – рече. Тоа е другата „природна“ реченица за неа, но мене ме погоди в срце.

Останав подзината. Па, таа знае дека само неколку месеца претходно, јас не по своја желба (што не е воопшто важно) се породив со царски рез.

Како да ги сфатам нејзините зборови? Дека јас не знам како е да се биде мајка, само затоа што не го извадив своето бебе низ вагиналниот канал? Зарем да се биде мајка не значи да направиш сè за твоето долгоочекувано малечко да излезе здраво и живо, па макар и тоа да значи да ти го сечат стомакот, стомачните мускули, матката и сè останато?

Бебе

Зарем непреспаните ноќи, минувањето низ пекол додека да започнеш да доиш, крвавите брадавици, болките додека да зараснат раните, новооткриената љубов, истоштеноста, но и бескрајната гордост... не те прават мајка?

Да бидеш мајка е повеќе од самото породување. Да бидеш мајка значи со секој атом од себе да го посакуваш најдоброто за своето бебе. Да ставиш нечиј живот пред својот, нечие тело пред своето, да се грижиш за нечие здравје, истовремено внимавајќи и на себе. Да го ставиш својот дотогашен живот на 9-месечна пауза, а потоа на заден план, имајќи поважна цел пред себе.

Да бидеш мајка е прекрасна и уникатна улога која не ја играш само на денот на породувањето. Да бидеш мајка не значи да се породиш по природен пат, а потоа твојата улога да ја преземе свекрва ти или мајка ти, како што е случај со многу мајки од моето опкружување. Да бидеш мајка е улога која е само и единствено твоја, независно дали си се породила по природен или „неприроден“ пат. И да, најчесто начинот на породување не зависи од нашите желби.

До мојата сосетка и до сите останати кои ги осудуваат мајките кои се породиле со царски рез: Оставете ги предрасудите зад себе. Не го гледајте само почетокот, туку судете по резултатот.

Сигурна сум дека сите жени кои родиле со царски рез го направиле најдоброто за своите деца. Тие се храбри, пожртвувани, силни личности. Некои од нив се плашеле, други трепереле, а некои, како мене, пролеале и по некоја солза, но помислата на она што ќе можат да го земат во прегратка им ја подигнувала главата.

Бидејќи април е месец за подигнување на свеста за царскиот рез, ве предизвикувам да се информирате повеќе за истиот, да разговарате со мајка која се породила со царски рез или барем за момент да влезете во нејзината кожа. Ќе сфатите дека тие заслужуваат голема почит.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.