Почетна » Кариера » На работното место » Најчести грешки во изборот на деловна облека

Најчести грешки во изборот на деловна облека

Надворешниот изглед е многу важен за кариерата и ќе се излажете ако си помислите дека никој не оценува како сте облечени додека сте на работното место.

Дрес-кодот варира од фирма до фирма. Ако сте дел од сериозна институција, којашто постојано е во контакт со клиенти, тогаш сигурно ќе треба да почитувате строго дефинирани правила за формално облекување. Доколку пак сте вработени во мала фирма, најверојатно стилот на облекување ќе биде полежерен, но тоа не значи дека не постојат правила кои треба да бидат почитувани и парчиња облека што треба да бидат избегнувани.

Бизнис женаНадворешниот изглед кажува многу за вашата посветеност кон работата.

Еве кои се најчестите женски грешки во врска со деловната облека:

  • Предлабоко деколте. Најголем дел од експертите се согласуваат дека откривањето на деколтето е најчестата грешка на жените кога станува збор за изборот на облека за на работа. Многу жени го прават тоа несвесно, но сепак, впечатокот кој се остава е еднакво лош. Истражувањата покажале дека жените чиј стил на деловно облекување е премногу секси најчесто се игнорирани кога се зборува за унапредување.

    Како да ја избегнете грешката?
    Секогаш внимавајте колку длабоко е вашето деколте. Ако носите кошула, не отпетлувајте повеќе од две копчиња, за да не ги привлечете туѓите погледи кон вашето деколте.

  • Кратки/мини сукњи. За жените важи правилото: колку повеќе кожа покажувате, толку помалку влијание имате. Се смета дека жените кои носат кратки сукњи сакаат со тоа да компензираат за недостатокот на способности во другите области и се сфаќаат помалку сериозно.

    Како да ја избегнете грешката?
    Панталоните секогаш ќе направат да се чувствувате покомфорно, но многу поженствено е да носите сукња. Најдобро е должината да ѝ биде до колена. Пред да одите на работа, уште додека сте дома, седнете. Ако сукњата ви се крева нагоре и покажува поголем дел од вашите нозе, тогаш не експериментирајте и оставете ја за некоја друга прилика.

  • Претесна и/или преширока облека. Ако носите претесна облека, ризикувате да покажете повеќе отколку што сакате. Сите ќе забележат дека едвај дишете стегнати во вашите пантолони или пак дека не можете да го закопчате сакото, а тоа нема да ви помогне да изгледате како професионалец. Од друга страна, прешироката облека прави да изгледате несредено и премногу лежерно.

    Како да ја избегнете грешката?
    Пронајдете облека според пропорциите на вашето тело. Ова не важи само за деловната облека. Облеката со точна големина ем ќе ви стои подобро, ем ќе направи да се чувствувате посамоуверено и покомфорно.

  • Проѕирна облека. Белата кошула е класично парче облека и е незаменлив дел од деловната облека. Но, при изборот треба да бидете внимателни. Често материјалите од кои се направени кошулите се премногу проѕирни и преку нив ноже целосно да се види вашата долна облека. Доаѓањето на летото искушува многу жени да се појават на работното место по лесни широки фустани и блузи изработени од проѕирен материјал. Но, можноста да се види вашата долна облека е неприфатлива ако сакате да делувате професионално.

    Како да ја избегнете грешката?
    Избирајте бели кошули од подебел материјал или пак такви кои не ви стојат премногу залепени за телото. Така ќе избегнете сите да дознаат каква боја и каков модел е вашиот градник. Оставете ги лесните проѕирни блузи и фустани за на плажа или пак за излегување, а ако сепак решите да ги носите, бидете сигурни дека оддолу имаат постава.

  • Премногу модни додатоци. Модните додатоци се најефективниот начин да внесете стил и индивидуалност во надворешниот изглед по кои ќе бидете препознатливи. Но, ако претерате, ризикувате вашиот стил да биде запаметен на негативен начин.

    Како да ја избегнете грешката?
    Општо прифатено правило е дека треба да имате врз себе еден моден додаток којшто ќе привлекува внимание, а останатите да бидат колку што е можно помалку истакнати. Ако носите големо ланче или синџирче што привлекува внимание, изберете мали обетки и белегзија што нема да паѓаат в очи, туку елегантно ќе го надополнуваат вашиот изглед.

  • Тренди искинати фармерки и маички со интересни натписи. Оваа комбинација зачувајте за низ град. Дури и во петок, кога е дозволен полежерен стил на облекување, неприфатливо е да се појавите на работа во искинати фармерки и маичка со закачлива шега, затоа што во вашиот изглед ќе нема ниту „С“ од сериозност.

    Како да ја избегнете грешката?
    Фармерките се одлични за на работа, но само кога се добро искомбинирани. Изберете покласични фармерки и комбинирајте ги со кошулче, маичка и елече и високи потпетици.

Освен на изборот на облека, има уште неколку работи на кои треба да внимавате, за да делувате професионално и доверливо:

  • Секогаш треба да имате чиста и пеглана облека. Неприфатливо е да се појавите на работа со дамка на облеката или пак со непеглана кошула, само затоа што сте брзале. Сериозните личности планираат сè предвреме. Педантноста е важна карактеристика која укажува на тоа дали имате или немате дисциплина и дали сте посветени на работата.
  • Не користете силен парфем. Сите луѓе сакаат различни ароми. Силната миризба од парфем може да биде непријатна и дури и одбивна. Затоа, употребувајте лесни парфеми и не нанесувајте многу.
  • Избирајте соодветни обувки. Деловната облека не дозволува патики и апостолки. Исто така, и премногу високите потпетици не се за претпочитање. Во жешките летни денови носете сандали, но колку што е можно позатворени, особено во областа на прстите на нозете.

Облеката е дел од професионалниот имиџ и кажува многу за тоа колку големи амбиции имате и колку труд вложувате. Не рекле залудно дека треба да се облекуваме како човекот чија работа и позиција ја посакуваме.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.