Почетна » Кариера » Барање работа » Како да се справите со невработеноста?

Како да се справите со невработеноста?

Невработеноста е стресно искуство коешто ја уништува самодовербата, создава финансиски проблеми, а во некои случаи носи со себе депресија и проблеми во семејството.

Невработена женаНевработеноста е еден од најголемите проблеми во нашата држава.

Оваа непријатна појава е еден од најголемите проблеми во нашата држава. Според најновите податоци објавени пред една недела, Македонија по Косово има највисока стапка на невработеност во Европа. Анализата на хрватскиот магазин „Банка“ покажала дека невработеноста во Македонија моментално изнесува 33%. Дополнителен проблем е тоа што просечената плата во Македонија е меѓу најниските во регионот, т.е. помала просечна плата има само Србија.

Имајќи ги во предвид овие податоци, веројатно е дека ако вие не сте засегнати, тогаш некој ваш близок се обидува да се справи со последиците што ги носи невработеноста.

Следуваат неколку совети кои можат да ви помогнат да ги ублажите последиците од невработеноста или пак во најдобар случај – да ја победите и да не се вбројувате во тие 33%.

  • Реагирајте веднаш. Без разлика дали сега сте ја изгубиле работата или пак тукушто сте ја зеле дипломата од факултет, невработеноста е проблем за којшто треба да реагирате веднаш. Колку подолго едно лице е невработено, толку потешко му е да си ја изгради потребната желба за да бара работа, да оди на интервјуа и да се претставува во најдобро светло. Затоа, веднаш откако ќе добиете статус невработена, активирајте ги сите расположливи ресурси за да си најдете нова работа.
  • Променете го начинот на живот. Ако сте во финансиска криза поради вашата невработеност или ако имате за исплаќање некаков долг, треба да го промените начинот на живот и да го прилагодите кон новата ситуација. Започнете повеќе да штедите. Излегувањето сведете го на минимум и занимавајте се со активности кои не бараат трошење на мало богатство.
  • Информирајте се. Читајте и апсорбирајте колку што е можно повеќе информација за процесот на барање на работа. Колку повеќе знаете, толку полесно ќе ви биде да си изградите претстава што ве очекува во џунглата наречена пазар на трудот и полесно ќе можете да се прилагодите на специфичните услови во нашата држава. Информирајте се секојдневно за да си ја градите самодовербата.
  • Надградете ги вашите способности и знаење. Искористете го тоа што сте слободни и започнете да изучувате нов јазик, подобрете ги вашите компјутерски способности, запишете се на курс за придобивање на одреден сертификат или диплома. Или пак започнете да читате повеќе книги за областа во која сакате да ја продолжите вашата кариера.
  • Осигурете се дека располагате со силно CV и мотивационо писмо. Документите за кандидирање го формираат првото мислење на работодавците за вас. Тие се средство за реклама, кое ако го искористите правилно, може веднаш да ви донесе нова работа. За да бидете сигурни дека имате соодветни документи, консултирајте се со ваш искусен пријател кој ќе ви даде реална оценка.
  • Не се изолирајте. Правете колку што можете повеќе нешта надвор од вашиот дом. И покрај тоа што можете да барате работа онлајн, излегувајте и купувајте весници со огласи и информирајте се за отворени работни места преку ваши познаници.
  • Побарајте поддршка. Секој човек сака да ги сподели своите проблеми, затоа што кога ќе го направи тоа, сè ќе изгледа полесно. Разговарајте со вашето семејство и пријателите за проблемите со кои се соочувате додека сте невработени.
  • Искористете ги вашите контакти. Кажувајте им на сите каква работа барате и прашувајте ги дали имаат информација за некоја фирма која бара лица со вашите способности. Искористете ги и социјалните мрежи како Facebook и Twitter за да ги известите вашите пријатели дека барате работа. Многу луѓе наоѓаат работа токму преку своите пријатели или роднини. Кога сте невработени не е време да бидете срамежливи.
  • Размислете за други алтернативи. Доколку сметате дека во моментот не е најдобро време за да барате работа, можете да започнете да размислувате за други алтернативи:
    • Продолжување на образованието. Добивањето на уште една диплома може само да ви помогне во процесот на барање на работа. Со продолжувањето на образованието ќе си го пополните слободното време, ќе остварите нови контакти кои можат да ви донесат нова работа, а и ќе ги надградувате вашите знаења.
    • Започнување на свој бизнис. Кога ќе видите колку е тешка ситуацијата со невработеноста, нема ни да ви се помислува на отворање на нов бизнис. Но, можеби токму тоа ви е потребно. Размислете за некоја ваша идеја. Можеби тоа што сте невработени ќе ви помогне да преземете поголем ризик и да си остварите некој сон со започнувањето на нешто свое.
  • Бидете оптимисти. Ако сте невработени, лесно можете да се разочарате и да западнете во депресија. Доколку помине подолго време, а вие сè уште немате среќа, голема е веројатноста да започнете да се сомневате во вашите способности и на моменти да си мислите дека не вредите за ништо. Но, таквиот став е најлошото нешто што можете да си го направите, затоа што ќе се демотивирате и вработувањето ќе премине во невозможна мисија. Борете се против лошите мисли со поголема доза оптимизам и позитивно размислување.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.