Синоќа се одржа 94-тото по ред издание на доделувањето на Оскарите.
Академијата за филмски уметности и науки ги награди најуспешните во филмската индустрија за изминатата година на церемонија која се одржа во театарот „Долби“ во Холивуд.
Настанот веројатно ќе остане запаметен по инцидентот кога Вил Смит се качи на сцената и го удри Крис Рок поради шега за неговата сопруга.
Тоа фрли дамка врз неговата прва победа во категорија на Оскар. Имено, во рацете на Вил Смит заврши статуетката за Најдобар актер за портретирањето на Ричард Вилијамс, таткото на тенисерките Серена и Венус, во филмот „King Richard“.
Џесика Џастејн ја прими наградата за Најдобра актерка за „The Eyes of Tammy Faye“.
Најдобар филм според Академијата оваа година беше „CODA“, додека статуетката за Најдобар режисер ја прими Џејн Кемпион за филмот „The Power of the Dog“. Џејн стана трета жена во историјата која победила во оваа категорија.
Аријана Дебос беше прогласена за Најдобра актерка во споредна улога за „West Side Story“, додека во машка категорија Најдобар актер во споредна улога стана Трој Котсур за „CODA“.
За Најдобар анимиран филм беше избран „Encanto“, а за Најдобар краток анимиран филм „The Windshield Wiper“.
Јапонскиот „Drive My Car“ победи во категоријата Најдобар интернационален филм додека статуетката за Најдобар документарец ја доби „Summer of Soul“.
Били Ајлиш и нејзиниот брат Финеас добија статуетки за Најдобра оригинална песна за „No Time to Die“ од истоимениот филм.
Целосната листа со победници можете да ја видите тука.