
На денешната седница, Владата прогласи седумдневна жалост поради незамисливата трагедија во Кочани.
Соопштението на Владата:
Владата ја започна денешната седница со едно минутно молчење со цел да им се оддаде почит на трагично загинатите лица во трагедијата во Кочани.
На денешната вонредна владина седница по трагичниот настан во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа, Владата донесе одлука за прогласување на 7 дневна жалост на територија на целата држава. Секој да се придржува до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на министерството за огромната несреќа која се случи.
Исто така, на владината седница се донесе одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на Република Северна Македонија и за наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата, за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата.
Влада донесе заклучок за активирање на механизмот за барање на меѓународна помош.
Воедно, Владата ја информира јавноста дека во соработка со Министерството за внатрешни органи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот се прибираат материјални докази и дека секој еден којшто е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара.
Никој не е над законот.
Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, во овој трагичен настан не постои збор кој може да ја ублажи болката за ненадомесливата загуба.
Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените.
Воедно, во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот.
Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста.
Официјалниот број на загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ е 59 лица, додека над 150 се на лекување во болниците во Кочани, Штип и Скопје. Дваесетина најтешко повредени ќе бидат пренесени за лекување во странство. Пред малку беше потврдено дека три лица ќе се лекуваат во Солун.
Премиерот Мицкоски утрово испрати порака во која се вели: „Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна. Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба.“
Српскиот претседател Александар Вучиќ, по разговорот со нашата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, објави дека во Србија 18 март ќе биде прогласен за Ден на жалост.
„Ја известив Претседателката дека Србија ќе го прогласи 18 март за Ден на жалост поради трагедијата и изразив уверување дека народот на братска северна Македонија, со снагата и солидарноста која секогаш ја покажувал, ќе успее да ја надмина оваа огромна трагедија и да пронајде пат кон опоравување“ – сподели тој.
Понуди за помош пристигнаа од многу земји, меѓу кои Грција, Бугарија, Албанија, Холандија.