Почетна » Диети и фитнес » Фитнес » Како вежбањето да го претворите во навика?

Како вежбањето да го претворите во навика?

Сите ќе се согласите, лесно е да се започне со вежбање. На еден или на друг начин ќе си ја зголемите мотивацијата и ќе го направите првиот чекор, но проблемите со редовното вежбање доаѓаат малку подоцна. Повеќето луѓе прават многу први чекори и никако не успеваат да продолжат понатаму. Зошто? Одговорот е едноставен: не успеваат да го направат вежбањето навика која нема да ја прескокнуваат, исто како што не го прескокнуваат утринското миење на забите.

Вежбање

Навистина не е лесно да се навикнете редовно да практикувате одредена физичка активност, но тоа не е невозможна мисија. Важно е да имате желба и волја да започнете, а во самиот процес на претворање на вежбањето во навика ќе ви помогнат следниве совети:

  • Секогаш вежбајте во исто време. Решете кога е најдобро за вас да вежбате, односно кога имате најмногу слободно време и кога се чувствувате најмотивирани – наутро, попладне или навечер. Определете си конкретен час, на пример 7 часот наутро ако сте ранобудни или 19 часот приквечер ако не сте утрински тип и придржувајте се до таа ваша одлука. Ако немате определено конкретно време за вежбање, ќе ја одложувате физичката активност за попосле со изговори како „Сега немам енергија, ќе вежбам подоцна“, а тие изговори лесно можат да се трансформираат во „Денес не можам, ќе вежбам утре“, па уште веднаш да излезете од колосек.
  • 21 ден користете аларм како потсетник. Докажано е дека откако ќе практикувате едно исто нешто редовно во текот на 21 ден, тоа станува дел од вашиот живот и многу полесно ќе ви биде да си одделувате време за него, без да се чувствувате како тоа да го правите под принуда. За да го поминете полесно тој период на создавање на навиката, користете аларм кој ќе ве потсетува дека треба да вежбате. Алармот нека ѕвони половина час пред вашиот тренинг, за да имате доволно време да се подготвите. Откако ќе го слушнете звучниот сигнал, започнете со подготовките веднаш.
  • Оставете ја опремата за вежбање на видик. Не ги прибирајте тренерките за вежбање во плакарот, туку оставете ги на столче во спалната. Патиките за вежбање не ги ставајте во тешко пристапна кутија, туку ставете ги веднаш до омилените обувки кои ги носите најчесто. Оставете пилатес топка во дневната соба или ако поседувате мали тегови, оставете ги во близина на огледалото кое го користите најчесто. Дајте му визуелен потсетник на мозокот дека не треба да го заборави вежбањето. Таквите мали потсетници ќе ве поттикнат да го ставите вежбањето во вашите приоритети и ќе ви речат: „Време е за акција“.
  • Не правете повеќе од еден ден пауза. Знаете ли дека луѓето кои вежбаат еднаш или двапати неделно почесто прескокнуваат тренинзи, отколку луѓето кои вежбаат 3 или повеќе пати неделно? Клучот е во конзистентноста. Ако вежбате еднаш во понеделник и еднаш во петок, тогаш многу потешко ќе можете да го претворите вежбањето во навика. Многу полесно ќе ви биде да се навикнете да вежбате редовно ако вежбате преку еден ден (понеделник, среда, петок) или во најдобар случај секој работен ден.
  • Започнете со бебешки чекори. Сите започнуваат да вежбаат со огромен ентузијазам и првите неколку пати вежбаат скоро до истоштување. Но, ако на почетокот вежбате до исцрпување, ризикувате да ви згасне желбата за редовно вежбање, затоа што ќе се чувствувате како да се измачувате. На почетокот доволно е да вежбате по 20 минути дневно. Како што ќе напредувате, така зголемувајте го интензитетот и времетраењето на тренинзите.
  • Изберете активност која ви е забавна. Вртењето на стационарен велосипед или кревањето на тегови е навистина монотоно. Ако сте личност која ја мрази монотонијата, многу подобро ќе се чувствувате ако изберете зумба, пилатес или Тае Бо. Важно е со насмевка да го започнувате тренингот и со задоволство да го завршувате. Не се принудувајте да правите нешто кое ве иритира.
  • Вежбајте дури и ако сте уморни. Да, вежбањето бара енергија, но и дава енергија. Колку и да сте биле истоштени пред да започнете со физичката активност, најверојатно по завршувањето ќе се чувствувате одлично и ќе бидете исполнети со позитивна енергија и задоволство.
  • Побарајте партнер на кого вежбањето веќе му е навика. Имате пријателка која е упорна и која не го прескокнува вежбањето? Придружете ѝ се. Поедноставно е кога имате до вас личност која веќе го поминала тешкиот почеток, бидејќи таа ќе ве мотивира и советува да не се откажувате.
  • Не го одложувајте вежбањето, освен ако ви излезе нешто навистина неодложно. И не, поканата за на кафе од пријателките не спаѓа во категоријата „неодложно“. Секогаш може да си најдете изговор или причина за да го одложите вежбањето. Научете се да ги одложувате другите работи за да вежбате, а не обратно. Закажете ја средбата за на кафе подоцна. Ќе се чувствувате како тоа да ви е награда за напорниот тренинг.
  • Известувајте некого за вашиот напредок. Барем на почетокот. Независно дали тоа ќе биде вашиот партнер, сопругот, добра пријателка или ќе пишувате на интернет форум, давањето извештаи за вашиот напредок ќе ве мотивира да продолжите. Веројатно ќе ви биде непријатно да кажете дека не сте успеале да се придржувате до направените планови, па ќе вложувате дополнителни напори за да успеете.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19701 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.