Почетна » Диети и фитнес » Фитнес » 12 причини зошто да возите велосипед

12 причини зошто да возите велосипед

За ова алтернативно превозно средство на две тркала важи добро познатата изрека – Возењето велосипед не се заборава никогаш.

Освен што претставува одлична кардио вежба за вашето тело, согорува калории и брзо ве носи до посакуваната дестинација, возењето велосипед е и мошне забавна активност која ќе ве исполни со чувство на среќа. Топлите летни денови се идеални за оваа забавна активност, која подеднакво добро може да се практикува самостојно, како и во друштво.

Возење велосипед

Во продолжение прочитајте уште неколку дополнителни причини зошто е пожелно да го извадите велосипедот од вашата гаража и да почнете да го употребувате почесто.

  1. Согорува калории и ги тонира нозете

    Возењето велосипед е одличен начин да потрошите многу калории без да вложите екстремен физички напор. Вашата тежина, отпорот на кој е наместен велосипедот, брзината со која ги вртите педалите, како и должината на патеката која сте ја одбрале за возење, влијаат на бројот на согорени калории во текот на возењето.
    Пример: Едночасовното лежерно возење на велосипед кај личност со 55 килограми согорува 220 калории.

    Истовремено се тонираат нозете и колковите, а со правилно седење на велосипедот се активираат и стомачните мускули. Возењето го зајакнува и вашиот грб, а со повремено потстанување од седиштето и вртење на педалите ќе успеете полесно да го обликувате задникот.

  2. Ослободува од стрес

    Секојдневните грижи и проблеми може да ве исцрпат и да го зголемат нивото на стрес. Вашиот ум и тело го чувствуваат тоа. Направете си услуга, изнесете го велосипедот и започнете да возите, бидејќи делува терапевтски. Со самото излегување во природа и на чист воздух ќе почувствувате инстантно олеснување и подобрување на вашата состојба.

    Колку повеќе уживате во текот на физичката активност, толку побрзо ќе се ослободите од стресот. Вртењето на педалите ќе ви делува како медитација. Целосно сконцентрирајте се на правилно и енергично вртење и блокирајте ги сите негативни мисли. Велосипедот навистина е магична гума за бришење на стресот и нервозата.

  3. Го контролира апетитот

    Истражување на University of Surrey покажало дека возењето велосипед може да помогне во контролирањето на апетитот. Со оваа физичка активност ќе ја скротите желбата за повеќе храна.

    Имено, лицата кои учествувале во истражувањето имале ист заеднички појадок, а потоа се поделиле во две групи. Додека едните останале да одмараат, другите возеле велосипед. Се утврдило дека со само 60 минути возење се активираат хормони кои го намалуваат чувството за глад, што придонесува за консумирање на значително помалку храна и калории.

  4. Ја зголемува енергијата и чувството на среќа

    Само 30 минути возење велосипед дневно ви се потребни за да си го зголемите нивото на енергија, без дополнителни стимуланси на кои сте навикнати, како огромни количини кафе. Во заблуда сте ако верувате дека физичката активност ќе ве премори или исцрпи. Таа всушност ве стимулира и ви дава многу повеќе енергија за извршување на секојдневните задачи.

    Како и секоја друга физичка активност, така и возењето велосипед ве исполнува со чувство на задоволство. Ослободувајќи ги „среќните хормони“ серотонин и допамин, тоа придонесува да останете среќни и мотивирани.

  5. Го штити срцето

    Докажано е дека возењето велосипед го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Оваа забавна физичка активност ќе се погрижи да го намалите ризикот од појава на различни заболувања, како компликации со срцето, дијабетес тип 2 или рак. Го стабилизира крвниот притисок и значително ги намалува шансите за доживување на срцев удар.

    Возењето велосипед претставува комплетна „вежба“ за вашето срце, крвните садови и белите дробови.

  6. Ги чува зглобовите

    Возењето велосипед е кардиоваскуларна активност која овозможува помало триење и оптоварување на зглобовите, за разлика од физичките активности како аеробик или трчање. Шансите за повреда се минимални, со оглед на фактот што и обично пешачење повеќе ги активира колената. Доколку имате проблем со колената, не се сомневајте дека возењето велосипед е вистинското решение за вас.

  7. Овозможува подобар и поквалитетен сон

    Возењето велосипед ве снабдува со енергија во текот на денот и воедно гарантира дека ќе спиете како бебе во текот на ноќта. Квалитетниот сон е еден од клучните фактори за одморено тело и ум, свеж изглед и ослободување од вишокот килограми. Сепак, експертите советуваат да внимавате на времето кога го возите велосипедот, односно да го избегнувате околу 4 часа пред спиење.

  8. Ја зголемува концентрацијата и ја стимулира работата на мозокот

    Утринската „замагленост“ на умот веднаш по будењето може лесно да се избистри со неколкуминутно возење велосипед. Вртењето на педалите значително ја подобрува циркулацијата на крвта, од нозете, па сè до мозокот, со што влијае врз работата на мозокот и концентрацијата.

    Додека безгрижно возите, добивате шанса да си ги подредите мислите и да го спречите „блокирањето“ на мозокот.

  9. Придонесува за помлад изглед

    Возењето велосипед едноставно ќе направи да се чувствувате и да изгледате помладо, не само во духот, туку и во телото и лицето.

    Како и секоја друга физичка активност, така и редовното возење велосипед ќе ви овозможи блескава и затегната кожа, како и привлечна линија на телото. Фактот што вистински ќе уживате додека го возите вашиот велосипед ќе предизвика искрена насмевка на вашето лице.

  10. Го подобрува сексуалниот живот

    Доведувањето на телото во топ форма со помош на велосипед, не само што ви овозможува да се чувствувате секси, туку и го балансира нивото на таканаречените секс хормони во организмот.

    Иако најголем дел од истражувањата укажуваат дека физичката активност е во директна врска со ендорфините, сепак несомнено влијае и врз секс-хормоните, како тестостеронот. Жените кои се во добра физичка форма ја одложуваат менопаузата. „Тоа што е добро за вашето срце е добро и за вашиот сексуален живот“.

  11. Претставува одлична друштвена и семејна активност

    Една од најдобрите работи кај возењето велосипед е фактот што може да го практикувате сами, но и во друштво на вашите најблиски.

    Велосипедизмот е одлична друштвена активност која ќе ви овозможи квалитетна и забавна дружба со пријателите или со членовите од семејството.

    И најдобро од сè – бесплатно е. Не мора да вложите многу пари за да го исполните вашето слободно време со дружба и многу забава. Ова е спорт во кој буквално може да ужива целото семејство.

  12. Ја зачувува планетата

    Заменувајте го вашиот автомобил со велосипед секогаш кога имате можност. Бидете пример за вашата заедница со користење на ова алтернативно превозно средство. Ќе ѝ направите услуга на животната средина со тоа што ќе придонесете за намалување на загадувањето на воздухот. Покрај тоа, ќе заштедите време и пари при транспортот од една до друга локација, вешто избегнувајќи го метежот во сообраќајот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20785 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.