Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » 10 комплименти кои мажите сакаат да ги слушнат

10 комплименти кои мажите сакаат да ги слушнат

Иако нема да ви признаат, мажите ги сакаат комплиментите исто колку и жените. Сигурно сте забележале дека по секој комплимент од ваша страна во очите на партнерот се појавува искра, а неговите усни се обидуваат да прикријат насмевка. Па, не бидете „штедливи“ кога станува збор за комплименти упатени кон него.

Жена му дава комплимент на партнерот

Независно дали сега ја градите основата на врската или сте заедно со години, еве ги комплиментите кои вашиот партнер би сакал да ги слушне од вас:

„Секогаш знаеш како да ме насмееш“

Како и повеќето мажи, и вашиот партнер сигурно смета дека смислата за хумор е особено важна карактеристика која треба да ја поседува еден посакуван маж. Да, вашата насмевка му кажува дека знае да ве насмее и дека ви е забавно со него, но понекогаш таа не е доволна. Одвреме-навреме треба и вербално да му потврдите дека уживате во неговите шеги и досетки. Затоа, кажете му дека сте среќни што конечно сте пронашле личност со одлична смисла за хумор или дека само тој знае да ве насмее кога темни облаци надвиснале над вашата глава.

„Се познава дека вежбаш“

Да бидеме реални, и мажите се опседнати со изгледот на своето тело и сакаат жените да ги гледаат како силни и мускулести. Некои од нив поминуваат и по неколку часа во фитнес салата, обидувајќи се да ги импресионираат претставничките на понежниот пол. Ако сакате да го пофалите неговиот фит изглед, не мора да му речете „Колку големи мускули имаш“ или „Стомачните ти се како камен“, туку доволно е да го прашате „Што вежбаш?“ и тоа ќе биде сфатено како ненападен комплимент. Ако сте во подолга врска и гледате дека вашиот сакан го одржува изгледот со вежбање, задолжително кажете му дека вежбањето му се одразува одлично и дека неговиот изглед ви ги буди фантазиите.

„Во твоите раце се чувствувам сигурна/безбедна“

Веројатно сте ја забележале желбата на мажите да бидат ваши заштитници и херои. Тоа е природна потреба што се појавува кај секој маж, а која придонесува тој да се чувствува силен и моќен. Кажете му на саканиот дека во неговата прегратка се чувствувате безбедно и дека доволно е неговото присуство за да бидете убедени дека сте заштитени од сè. Тоа ќе биде како да освоил златен трофеј на фудбалски турнир.

„Не знам што би правела без тебе“

Можеби за вас ова не звучи како комплимент, но за него 100% е комплимент кој мечтае да го чуе. За него тоа е исто како да му кажете: „Јас не можам да ги правам работите кои ти можеш“. Комплиментите од ваков тип прават мажите да се чувствуваат силни, без разлика дали се работи за нешто мало како менување на сијалица или за нешто големо како бојадисување на куќата.

„Ова беше најдобриот секс што некогаш сум го имала“

Позитивните коментари поврзани со сексот се на врвот на секоја машка листа на посакувани комплименти. Некои жени непотребно се срамат да му дадат сексуален комплимент на својот партнер. Мажите се посамоуверени, повеќе експериментираат и уживаат кога знаат дека нивната партнерка е задоволна. Вашиот партнер ќе направи сè за да биде најдобриот од сите со кои некогаш сте биле интимни. Не заборавајте да му го кажете тоа и уживајте додека тој се обидува да ја оправда титулата „најдобар“.

„Многу добро ти стои таа кошула“

Ако му кажете на вашиот партнер „Многу ти е убава кошулата“ тоа и нема да биде некој комплимент за него. Но, ако му кажете дека ТОЈ изгледа секси/привлечно во одредена кошула, затоа што таа му одговара на очите или затоа што му ги оцртува мускулите, неговото его ќе скокне до небо. Запомнете, вашиот партнер со својот изглед се обидува да ве импресионира, па не заборавајте да му дадете комплимент со кој ќе му покажете дека неговиот труд не е незабележан.

„Ми се допаѓа тоа што си чесен/голем џентлмен“

Мажите сакаат да знаат дека не ве привлекуваат само физички, туку и дека ви се допаѓа нивниот карактер, манири и/или однесување. Вашиот партнер ќе биде особено среќен ако му кажете дека е различен од другите и дека е вистинска реткост. Дајте му до знаење кои карактеристики од неговиот карактер најмногу ви се допаѓаат. На пример: „Во денешно време ретко се наоѓаат чесни луѓе како тебе“, „Ти си доказ дека џентлмените не изумреле“.

„Многу си добар во она што го работиш“

Без разлика дали вашиот партнер работи напорно за лична сатисфакција или за да го прехрани семејството, тој би сакал да знае дека вие го цените неговиот труд, а не парите кои ги заработува. Кажете му дека сте воодушевени од тоа колку е добар во неговата професија. Тоа за него ќе биде доволен доказ дека се гордеете со него и мотив да продолжи да напредува со брзо темпо.

„Имаш прекрасно друштво/семејство“

За мажите е многу важно да го почитувате нивното друштво, а особено нивното семејството, и исто толку е важно да им го кажете тоа. Обидете се да дознаете што му се допаѓа кај секој негов пријател или член од семејството и оформете комплимент. Со тоа ќе му докажете дека разбирате зошто тие се важни за него. На пример, кажете му: „Сигурно си среќен што имаш цимер како Х. Барем знаеш дека никогаш нема да ти откаже кога ти треба помош“ или „Сестра ти е многу добра. Се гледа дека би направила сè за тебе“.

„Секогаш имаш одговор за сè/Секогаш знаеш што е најумно да се направи“

Мажите сакаат да слушнат колку се паметни. Комплиментите за нивната интелигенција и снаодливост веројатно ќе им значат многу повеќе отколку комплиментите за очите, насмевката и сл. Никогаш не треба да си претпоставувате дека тој знае дека го цените и почитувате неговото логично размислување и неговите умни потези во животот, па да ги премолчувате комплиментите. Колку и да е очигледно дека го сакате и заради тоа што е паметен, дајте му комплимент. Кога некој ви се допаѓа, а сè уште не сте во врска, многу полесно и побезбедно е да му упатите комплименти за неговиот интелект, отколку да речеме за изгледот. Искористете го тоа.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19726 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.