Почетна » Убавина и мода » Тело » Како подолго да го зачувате пријатниот мирис на парфем?

Како подолго да го зачувате пријатниот мирис на парфем?

Пронаоѓањето на парфемот по којшто ќе бидете препознатливи и кој најдобро ќе се вклопи во вашиот стил и имиџ е долготраен процес. Но, откако ќе го откриете парфемот во чиј мирис уживате и поради кој сите ви даваат комплименти, може да се соочите со нов проблем – парфемот не трае долго.

И нанесувањето на парфем си има свои правила и ако се придржувате до нив, ќе го одложите исчезнување на парфемот од вашата кожа. Следете ги предложените совети и привлечната арома на вашиот парфем ќе трае со часови.

Жена се прска со парфем

Користете вазелин или лосион со ист мирис пред да се прснете

Сувата кожа не ја задржува долго пријатната арома на парфемот. Исто како шминката, и парфемот трае подолго ако го нанесете на добра основа. Најдобриот избор е лосион од истиот бренд со ист мирис како и парфемот. Често се продаваат комплети лосион и парфем со иста арома. Нанесете прво од лосионот, а потоа прснете од парфемот. Но, никогаш не ставајте лосион со силен мирис различен од оној на парфемот, бидејќи мирисот на лосионот ќе го промени мирисот на парфемот.

Ако немате соодветен лосион, ваш најдобар пријател е вазелинот. Ставете малку вазелин на пулсните точки пред да се напрскате со парфем. Ова е најефективен и најевтин трик за продолжување на долготрајноста на парфемот.

Ставајте парфем на пулсните точки

Коко Шанел советуваше да го нанесувате парфемот секаде каде што сакате да бидете бакнати. Иако тоа звучи доста интересно, не треба да заборавате дека парфемот е непријатен на вкус, па ако навистина очекувате да бидете бакнувани, подобро е да се прскате на внимателно избрани места.

Ние ќе кажеме – нанесувајте го парфемот на пулсните точки (на рачните зглобови веднаш над дланките, на внатрешната страна на лактите, во основата на грлото и зад ушните ресички). Областа од нозете зад колената и внатрешноста на глуждовите се пулсни точки кои не треба да ги потценувате. Имајќи предвид дека аромата на парфемот се движи нагоре, овие точки се доста моќни. На пулсните точки крвните садови се најблиску до кожата. Тие зрачат со топлина, која придонесува мирисот на парфемот полесно да премине од вашата кожа во воздухот.

Но, парфемот нанесен на пулсните точки поради топлината побрзо исправува. За подолго да трае мирисот на парфем на вашето тело, напрскајте се на деколтето. Така мирисот бавно ќе се пробива низ облеката во текот на целиот ден, а вашето присуство ќе мами воздишки.

Никогаш не ги тријте зглобовите на рацете по нанесувањето на парфемот

Многумина имаат навика да ги тријат зглобовите на рацете по нанесувањето на парфем. Но, со тоа не си прават услуга. Триењето создава топлина поради која парфемот ќе испарува со поголема брзина. Со триењето побрзо се ослободуваат горните површински ноти на парфемот и се променува неговиот мирис.

Напрскајте ги малите бебешки влакна од косата на задниот дел од вратот

Сакате некој да остане маѓепсан од вашиот парфем кога ќе ви се доближи? Ставете малку парфем на бебешките влакна на задниот дел од вратот. Парфемот ќе се „залепи“ за влакненцата и ќе трае подолго, а ќе се ослободува во воздухот постепено додека се движите.

Напрскајте ја четката за коса пред да се чешлате

Парфемот е штетен за косата, бидејќи го суши влакното. Но, многу жени решаваат да го игнорираат тој факт кога сакаат да бидат неодоливи, па неконтролирано прскаат парфем директно во косата.

Воопшто не е лоша идејата да ја намирисате косата, бидејќи мирисот ќе биде ослободуван на интервали и ќе ви трае цел ден. Сепак, најдобро е да ја парфимирате косата индиректно. Прснете врз четката за коса, почекајте 2-3 минути за парфемот да се исуши и потоа исчешлајте ја косата.

Никогаш не нанесувајте парфем на нечиста коса

Погрешно е да си мислите дека парфемот ќе ви помогне да го освежите мирисот на вашата коса кога сте немале време да ја измиете. Мирисот на парфемот ќе се измеша со миризбата на природните масла кои ги лачи скалпот и резултатот може да биде непријатен за носот.

Миризлив облак од парфем – ефективно, но скапо нанесување

Многу претставнички на понежниот пол со неколку прскања создаваат „парфемски“ облак и поминуваат низ него за парфемот да се нанесе рамномерно врз нив. Иако ова е ефективен начин за нанесување на парфем, не е излишно да се спомене дека е скапо. Ако не сакате парфемот да исчезне кратко време откако ќе си го купите, нанесувајте го стратешки, без да го трошите залудно парфимирајќи го воздухот.

Секогаш нанесувајте парфем пред да се облечете и да ставите накит

Парфемот не треба да биде последниот чекор во вашиот ритуал за разубавување пред излегување. Некои парфеми оставаат флеки врз облеката, па поради едно прскање може вашиот омилен фустан или вашата деликатна кошула да останат со перманентна дамка.

Освен врз облеката, парфемот може да остави флека и врз металот, бисерите и различните камења кои се користат при изработката на накит. Хемикалиите од парфемот може да предизвикаат промена на бојата и гребење на сјајот на накитот.

Складирање на парфемот

За мирисот на парфемот да остане непроменет, многу е важно да го чувате правилно. Складирајте го парфемот подалеку од силен извор на светлина или топлина. За да го заштитите од сончевите зраци, никогаш не го оставајте блиску до прозорец. Парфемите треба да се држат на суво, темно и ладно место.

Зачувајте ја оригиналната кутија на парфемот и чувајте го во неа. По секое користење добро затворајте го капачето за да го спречите непосакуваното испарување.

Парфемите се прекрасен додаток во женските козметички колекции и многу од нас си прават мали колекции. Имајте на ум дека рокот на траење на парфемите е 3 до 5 години. Ако забележите дека парфемот си ја променил бојата или мирисот, фрлете го.

За крај... многу е важно да не претерувате со парфемот. Не треба сите веднаш да почувствуваат како мирисате кога ќе влезете во некоја простотија. Тие треба да го намирисаат вашиот парфем откако ќе се доближат до вас, при секое ваше движење.

Секој има различен вкус за парфеми, па она што вам ви се чини дека е фантастичен парфем, на некој друг може да му е одбивен. Бидете поделикатни при користењето.

Мирисот на парфемите трае 4-8 часа, во зависност од квалитетот и концентрацијата на миризливи есенцијални масла. Носете си мало шишенце в чанта и по одреден период, ако почувствувате дека е потребно, нанесете нов слој.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20812 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.