Почетна » Убавина и мода » Мода » Њујоршката недела на модата – колекции есен/зима 2013-2014

Њујоршката недела на модата – колекции есен/зима 2013-2014

Ревиите во Њујорк го означија почетокот на модниот месец кој ќе ги претстави новите модни трендови за сезоната есен/зима 2013-2014. Армија дизајнери ги претставија своите колекции во кои недискутабилно доминираше црната боја. Црното сако се истакна како „It“ парче облека, додека крзното се затемели во задолжителните материјали за наредната студена сезона.

Пред Лондон, Милано и Париз да го покажат својот моден потенцијал, погледнете низ дел од многуте модни ревии кои го загреаја Њујорк.

Маркеса

Драматизам и романтизам царуваше на ревијата на креаторското дуо Џорџина Чепмен и Керен Крег. Елегантните креаторки претставија колекција инспирирана од уметноста на Франциско Гоја или поточно неговата слика „Portrait of Maria Teresa de Vallabriga on Horseback“. Вечерните фустани во црвена, црна и сива боја, понекогаш украсени со везени цветни дезени, изгледаа како да се излезени од уметничко дело од 18. век.

Евидентниот аристократски раскош сигурно ќе ги маѓепса холивудските ѕвезди кои редовно се вртат кон Маркеса кога сакаат впечатлив дамски изглед на црвениот тепих.

Marchesa Marchesa

Ралф Лорен

Доследен на препознатливиот стил, Рафл Лорен презентираше поетска и романтична колекција која видливо потекнува од руска инспирација. На модното шоу преовладуваа баретки, насобрани ракави, козачки панталони, панделки околу вратот и војнички палта, главно во црна и бела боја и зачинети со типично париски елементи.

Во вечерниот дел од ревијата баретките беа заменети со крзнени руски капи, а женственоста беше истакната со елегантните долги тоалети.

Ralph Lauren Ralph Lauren

Оскар де ла Рента

Модните експерти со нетрпение ја очекуваа ревијата на Оскар де ла Рента по објавувањето на веста дека Оскар го зел под своја закрила Џон Галијано, кој беше отпуштен од Диор во 2011 година. Се знае дека Галијано соработувал со де ла Рента, но не беше прецизирано кои елементи од ревијата се дело на контроверзниот дизајнер. „Беше прекрасен разговор“ – искоментирала Дајен фон Фирстенберг, алудирајќи на соработката помеѓу двајцата големи дизајнери.

Женственост и сексапил зрачеше од колекцијата обоена во прекрасни нијанси на тиркизна, црвена и виолетова боја. Цветните дезени и детали на здолништа и фустани со А-линија внесоа уште повеќе живост во хармоничната колекција.

Oscar de la Renta Oscar de la Renta

Каролина Ерера

Вистинските дами ја обожаваат Каролина Ерера поради нејзиниот беспрекорно женствен стил, а таа никогаш не ги изневерува нивните очекувања. Жените од 40-тите години ја инспирираа колекцијата завладеана од софистицирани силуети и уникатни цветни принтови. „Оваа колекција има огромна драма и емоција“ – изјавила Ерера.

Во повеќе од креациите е инкорпорирано крзно – или во форма на болероа и јаки или во форма на колани кои ја истакнуваат половината.

Carolina Herrera Carolina Herrera

Келвин Клајн

Во основата на новата колекција на Келвин Клајн лежат палтата. „Тоа е колекција базирана на палта“ – изјавил Франциско Коста, креативниот директор на брендот, пред почетокот на шоуто. Палтата со колани доминираа на пистата, но и презентираните фустани потсетуваа на палта без ракави.

„Ivan's Childhood“, руски филм за сираче во Втората светска војна, му послужи како инспирација на Коста за силната минималистичка колекција која на одреден начин ја стави на втор план женственоста и се насочи кон помоќен војнички изглед.

Calvin Klein Calvin Klein

Моник Лулие

Малахитот со својата волшебна зелена нијанса ја постави основата на колекцијата на Моник Лулие. „Малку е како да влегуваш во рајот“ – рекла Лулие за креациите кои речиси сигурно ќе завршат на црвениот тепих во Холивуд.

Минималистичкиот стил никогаш не бил привлечен за Моник, па можеби токму во тоа се крие тајната на нејзиниот успех. Магичната зелена и златната боја доминираа меѓу креациите кои пленат со арт деко елементи и раскошни навезени светкави детали.

Monique Lhuillier Monique Lhuillier

Џејсон Ву

„Моќна, сензуална, секси, гламурозна. Сакав да проектирам убавина – убава облека и убави жени“ – рекол Џејсон Ву за својата нова колекција.

Палетата на бои се протегаше низ црната, белата, сивата и црвената. Најпривлечни беа плисираните здолништа, како и елегантните панталони.

Jason Wu Jason Wu

Викторија Бекам

Никој не би очекувал од Викторија Бекам да ги присвои машките кроеви во своите колекции, но и тоа се случи. „Сакав да ги пренесам тие форми во женствените силуети“ – изјавила таа.

Сопругата на Дејвид Бекам, која сме навикнати да ја гледаме во тесна облека, претстави комфорни креации: тесни здолништа со централни шлицови или со А-линија, V-деколтеа и паднати волуменозни нараменици.

Victoria Beckham Victoria Beckham

Марк Џејкобс

Марк Џејкобс ја затвори Њујоршката модна недела со ревија на која блескаше огромно вештачко сонце. Шик месечарки зачекорија на огромната сцена во креации кои го крадеа изгледот на пижамите.

„Многу е едноставна, многу недвосмислена, прекрасна и убава... гламурозна, но со некаква тага и меланхолија. Има романса во неа“ – најавил Џејкобс. Стремејќи се кон комфорот на познатото, Марк испрати на сцената 55 модели во свилени „пижами“, крзнени палта и шалови и блескави фустани достојни за најсвечените пригоди.

Marc Jacobs Marc Jacobs

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20903 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.