Почетна » Убавина и мода » Мода » Лондонската недела на модата – колекции есен/зима 2013-2014

Лондонската недела на модата – колекции есен/зима 2013-2014

Модна бура ја зафати британската престолнина во изминатава седмица. Лондонските писти се тресеа од смелиот од на манекенките облечени во креации од колекциите есен/зима 2013-2014.

Иако во просек ревиите траеја по десетина минути, во нив се инвестирани милиони евра и напорна неколкумесечна работа. Резултатот? Креативни колекции меѓу кои се истакнаа:

Том Форд

Том Форд го раскина превезот на таинственоста и ја претстави новата колекција на првата регуларна камбек ревија. „Имав заборавено колку е забавно да правиш шоу, но сум супер нервозен“ – изјавил тој пред почетокот на ревијата.

Судир на гламурозен рок и поп арт стил завладеа на креациите кои нема да допрат до срцата на минималистките, туку само до срцата на забавните модни зависнички со страст кон мултиколоритна облека која не почитува одредени правила. „Смачено ми е од минимализам, не сум расположен за тоа, па имаше многу боја. Навистина сум во расположение за боја, па на моменти беше речиси заслепувачки“ – објаснил тој.

Tom Ford Tom Ford

Burberry Prorsum

Кристофер Бејли игриво ги инкорпорира формата на срцето и животинските принтови во тренч мантилите и палтата кои стојат во основата на Burberry. Користејќи сјајни материјали кои наликуваа на латекс, Бејли покажа дека неговата хероина освен светица, може да биде и дрска грешница. Тоа и не е чудно кога ќе се земе предвид дека тој црпеше инспирација од стилот на Кристин Килер, жената која со афера со министер ја растресе британската влада во 1963 година.

Силуетите на фустаните со должина до под колена и модните додатоци го носеа духот на 60-тите. Бордо, карамел и медена боја преовладуваа на креациите зачинети со модернистички златни детали.

Burberry Burberry

Temperley London

Алис Темперли се наврати на стилот на Типи Хедрен од филмскиот хит „The Birds“ на Хичкок при креирањето на дамската колекција. Иако Хичкок беше инспирација, креациите не беа драматични, а во нив се наѕираше одмереност и структурираност.

Развеани холивудски панталони, фустани и палта со А-линија, женствени ракавици, нежни бои и мачкести очила ги потсетија присутните зошто раните 60-ти нудат неисцрпна модна инспирација.

Temperley Temperley

Питер Пилото

Креаторското дуо Питер Пилото и Кристофер де Вос има манијачки пристап кон принтовите. Нивната опсесија со неочекувани принтови редовно ги освојува модните критичари, па и оваа колекција не избега подалеку од шаренилото. „Ревијата беше за мистериозноста и мрачноста, но и за привлечноста на боите“ – изјавил Пилото.

Златно жолто, црвено, нежно розово, кралско сино, сиво и златно се провлекуваа низ креациите кај кои беше видливо влијанието на шпанската култура и традиција.

Pilotto Pilotto

Антонио Берарди

Врвниот бразилски архитект Оскар Нимаер и неговата филозофија на работење пронајде место во колекцијата на Антонио Берарди.

Најголемо изненадување беше играта со силуетите, особено на долгите фустани со „опашка“. „Сакав конструкцијата да потсетува малку на облеката на монах, но да биде модерна и чиста, а сепак со чувство на женственост“ – објаснил Берарди.

Berardi Berardi

Осман

Умерен раскош ги красеше минималистичките креации на Осман. Златните детали внесоа динамика во колекцијата со релаксирани силуети.

„Сакам жените да се чувствуваат комфорно во мојата облека, а не облеката да ги носи нив“ – изјавил дизајнерот кој се фокусира на едноставната елеганција.

Osman Osman

Mulberry

При создавањето на колекцијата, дизајнерката Ема Хил крадеше инспирација од детската книга „The Wind in the Willows“ и материјалите типични за машката облека.

Твид, кожа и крзно во прекрасни есенски и зимски бои доминираа на ревијата на Mulberry. Есенските цвеќиња се протнаа во дезените на облеката во софистицирани бордо, шумско зелени и кафеави нијанси.

Mulberry Mulberry

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20881 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.