Со покачувањето на температурите жените сè пошироко ги отвораат кутиите за накит за да го изразат својот стил украсувајќи ја минималната облека за топлите денови. Накитот има моќ да ја претвори и наједноставната модна комбинација во шармантен аутфит.
Зачинете ги пролетните и летните комбинации со накит кој ги следи најголемите трендови.
Тиркизен накит
Освежителниот микс на зелената и сината боја кој потсетува на тропски плажи продолжи да владее самоуверено и оваа година. Тиркизниот камен заведува, без разлика дали е комбиниран со метал во златна или сребрена боја, а и одлично ја истакнува сончаната кожа.

Купче од белегзии
Слоевитото редење на белегзии со различни бои, текстури и големини треба да ви ја развиори фантазијата. Не се плашете да претерате. Комбинирајте различни бои за шик изглед или насочете се кон белегзии со златен сјај за попрефинет елегантен изглед.

Заробени рачни зглобови
Наместо да ја трупате раката со секоја белегзија што ја поседувате, заробете ги вашите зглобови со една голема белегзија која цврсто ќе го „прегрнува“ најтенкиот дел од раката. Мини тренд е носењето на идентични големи белегзии на двете раце, во стилот на големи лисици.

Впечатливи прстени
Колку поголеми, толку подобро. Колку повеќе, толку повпечатливо. Прстените веќе се продаваат во сетови, затоа што модерните дами не се задоволуваат со еден прстен на раката. Додека минатата сезона фокусот беше свртен кон обетките, сега на сцена доаѓаат прстите. Во време кога луѓето тешко ги испуштаат мобилните телефони од рацете, оставете моден впечаток со китење на експонираните прсти.

Цветна бајка
Букет од цветови стои на огрлиците кои носат летни вибрации. Големите цветови доминираат и на модерните прстени и обетки. Цветниот накит сезонава најчесто е обоен во корална боја, која одлично го надополнува бронзениот тен.

Метални реси
Палавите ѓердани со тенки висечки метални реси се доволно динамични за да ја раздвижат секоја комбинација и да ја оддалечат од монотонијата. Независно дали ќе ги поставите над кошула или еднобојна маичка, тие гласно ќе зборуваат за вашиот нескротлив дух.

Змиски стил
Имајќи предвид дека 2013 е година на Змијата, воопшто не е чудно што многу дизајнери се инспирираа од изгледот на отровните влекачи со лоша репутација. Змиски огрлици, белегзии и прстени носи новиот егзотичен бран кој ги освојува модните зависнички.

Обетки „капка“
За романтичен ефект, привлечете ги погледите кон лицето со суптилни обетки во форма на капка. Обетките со елегантна силуета се хит на црвениот тепих, особено оние со централен колоритен камен опкружен со мини блескави кристали.

Гламурозно розово злато
Златниот накит има мала предност пред сребрениот, во однос на популарноста. Но, најдобар избор за сезонава останува накитот со изглед на розово злато. Деликатната и нежна нијанса ја потенцира елегантноста и женственоста.

Лекција по геометрија
Геометриските форми ги фасцинираа дизајнерите, кои со задоволство им отстапија простор и кај облеката и кај модните додатоци. Накитот со триаголници, конусни боцки, коцки и правоаголници стана неизоставен дел од актуелниот уличен стил.

Обетки „С“
Накит за уши е добар опис на новиот тренд кој ќе го прифатат посмелите девојки. Тој вклучува интересни обетки кои ја следат контурата на увото, често придобивајќи „С“ форма. Се носи само една обетка. Најдобро се комбинира со фризура со екстремен патец настрана, која го отскрива само едното уво.

Смарагдно зелен накит
Смарагдно зелената е прогласена за боја на годината, па очекувано го обои модерниот накит кој се асоцира со софистицираност и луксуз. Совршено можете да инкорпорирате смарагдно зелен накит во секоја вечерна комбинација за да го потенцирате префинетиот вкус.
