Романтични и ултра женствени венчаници ги будеа фантазиите на гостите на Невестинската модна недела која се одржа во Њујорк.
Врвни модни брендови ги презентираа колекциите пролет 2016, со идејата да им дадат доволно време на идните невести за да го направат вистинскиот моден избор за свадбениот ден.
Џени Пекам ја пронајде својата инспирација во делото „A Midsummer Night's Dream“ на Вилијам Шекспир, белиот јасмин ја разбуди имагинацијата на Каролина Ерера, скулптура на божицата Ника во Лувр ги инспирираше креациите на Остин Скарлет, а луксузните ткаенини ја поставија основата на колекцијата на Ангел Санчез.
Пролетното сонце, пеперутките и птиците ѝ дадоа поттик на Инес Ди Санто да создаде романтични креации со богати текстури, тајните градини на Рокфелер од 30-тите години ја стимулираа стилската визија на Ромона Кевеза, а наследникот на Оскар де ла Рента, Питер Копинг, иницираше прагматична игра со силуетите.
Рим Акра гравитираше околу идејата секоја невеста да се чувствува како ѕвезда, додека рачно насликани фустани и креации именувани по популарни градови и дестинации ја сочинуваа ревијата на Наим Кан.