Почетна » Убавина и мода » Мода » Модни трендови – есен/зима 2011-2012

Модни трендови – есен/зима 2011-2012

На повидок е студената модна сезона која носи нови возбудливи, но и практични трендови. Сите тие им беа извор на инспирација на дизајнерите за актуелните колекции, а сега ќе станат основа за создавање на тренди есенски и зимски комбинации.

Од игриви принтови со точки, ѕвезди и апстрактни елементи, до крзно, кожа, чипка и строги кројки... новите трендови се исто толку интересни, колку и носливи.

Точкеста опсесијаЅвезда, ѕвезда, ѕвездичкаСкапоцена привлечностТопли слоеви; туника над панталониКрзнена и кожна доминацијаВоена строгостДолга елеганцијаЗмиска егзотичностМашка женственост„Петар Пан“ магичностКарирана креативностЧипкаста убавинаЦрвена жестокост

Точкеста опсесија

„Точките се клучната декорација со која треба да си играме сега“ – Ема Елвик-Бејтс, уредничка во „Вог“.

Точките се вратија и немаат намера да исчезнат од модерната облека. Можете да ги носите на ретро фустани, капи, ракавици, чанти, па дури и на хеланки и хулахопки, и во секој случај да изгледате модерно и префинето.

Marc Jacobs

Ѕвезда, ѕвезда, ѕвездичка

Ѕвездестиот принт магично се протна во трендовите и веќе е хит меѓу славните личности и кај стилистите на едиторијалите на реномираните модни списанија.

Без оглед на големината на ѕвездите, најпопуларна е црно-белата комбинација, која на модните писти пристигна благодарение на Dolce&Gabbana.

Dolce & Gabbana

Скапоцена привлечност

Интензивните воочливи бои полека, но сигурно им го отстапуваат своето место на боите на скапоцените камења. Смарагд, опал, рубин, сафир, аметист – богати нијанси кои ќе направат да се чувствувате софистицирано и гламурозно.

Облечете се од глава до пети во боја на рубин и никој нема да може да го тргне погледот од вас. Ако вашиот стил не трпи толку многу скапоцен блесок, искористете го овој тренд кај вашите модни додатоци. Блескава чанта или обувки во боја на смарагд ќе направат да изгледате како вистинска кралица на стилот.

Gucci

Топли слоеви; туника над панталони

Облекувањето на слоеви во наредните месеци не само што е практично, туку ќе биде и модерно. Колку повеќе слоеви носите, толку потопло ќе се чувствувате. Овој тренд најинтересно го претставија Кристијан Диор и Гучи.

Еден микро тренд кој треба да се спомене е трендот „туника над панталони“. Можете да искористите плетена туника во текот на денот, а поелегантна за вечерно излегување. Овој изглед е многу комфорен и лесен за постигнување.

Burberry Prorsum

Крзнена и кожна доминација

Студеното време повторно ги става на пиедестал крзното и кожата (преферирајте вештачки материјали). Крзнените долги елеци продолжуваат да ја зголемуваат својата популарност, а оваа сезона многу крзно ќе можете да најдете и на чантите.

Кожните јакни, сукњи, кратки панталони и фустани ставете ги на дофат на рака. Но, бидете внимателни затоа што кожните фустани може лесно да ја поминат границата на добриот вкус.

Дизајнерите експериментираа и со комбинација од крзно и кожа во едно парче облека, за да добијат контрастен ефект на материјалите.

Gucci

Воена строгост

Земете ја женската елеганција и помешајте ја со острината на војничката униформа за да добиете современ изглед инспириран од милитаристичкиот стил.

Изберете палто со големи копчиња во војнички стил или капа од штоф за да го доловите овој тренд.

Burberry Prorsum

Долга елеганција

Веќе две сезони се провлекува трендот на долги сукњи и фустани. Жените го обожаваат и повеќе од очигледно е дека нема да исчезне наскоро. Воопшто не е тешко да го засакате овој тренд, затоа што од една страна ја издолжува силуетата, а од друга остава моќен впечаток.

А сега, долгото како тренд се префрла и кај палтата, капутите и мантилите. Ако имате соодветна висина и фигура на телото, изберете долго палто за да се топлите оваа зима.

Bill Blass

Змиска егзотичност

Сте погледнале ли некоја од новите колекции низ бутиците? Голема е веројатноста дека во неа ќе пронајдете повеќе од едно парче облека со змиски принт. Тоа не е случајно. Змискиот принт неочекувано стана еден од најактуелните трендови.

Сепак, ова е принт кој или го сакате или го мразите. Ако не можете да се замислите во „змиска“ блуза или палто, најбезбеден избор се модните додатоци. Купете си чанта или обувки со змиски принт за да го направите вашиот изглед поегзотичен.

Prada

Машка женственост

Дизајнерите обожаваат да експериментираат и да си играат со границата помеѓу машкоста и женственоста. И оваа сезона актуелни си остануваат облеката и модните додатоци во машки стил.

Кој вели дека не можете да изгледате елегантно во костум? Во изминатиов период многу славни личности наместо во долги тоалети на црвениот тепих ги видовме облечени во костуми. Најголем фаворит е комбинацијата на црн костум со бела кошула.

Temperley London

„Петар Пан“ магичност

Можеби ќе ви звучи чудно, но јаките „Петар Пан“ веќе не се детски и старомодни. Тие беа исклучително ретки пред претставувањето на колекциите есен/зима 2011-2012, но сега се хит.

Ваквите заоблени јаки изгледаат слатко, но и женствено, а оставаат впечаток на модерна личност со стил и самодоверба.

DKNY

Карирана креативност

Карираната облека се враќа меѓу трендовите. Есента и враќањето во училишните клупи можеби ги потсети дизајнерите на женските училишни униформи, па решија да ја развијат таа инспирација на следното ниво.

На модните писти видовме карирани палта, сукњи, шалови, обувки.

Burberry Prorsum

Чипкаста убавина

Заедно со еклектиката не е заборавена и убавината на женственото облекување. Чипката е најромантичниот тренд оваа сезона. Искористете го овој деликатен материјал со секси репутација за да ја истакнете својата женственост и умерено да покажете малку повеќе кожа во текот на студените денови.

Имајте во предвид дека за оваа сезона на пистите доминираа темните бои. Нема да погрешите ако изберете црно фустанче со чипка.

Lanvin

Црвена жестокост

Ако има една боја што се издвојува повеќе од другите, тогаш тоа е црвената. Сите нејзини нијанси се апсолутен погодок – нијанси на рубин, огнено црвено, нијанса на бургундец или темно бордо... изборот е огромен.

Од палта и мантили, па до фустани, панталони и блузи, црвената беше насекаде на модните писти, а сега ќе ги преплави и улиците.

Diane von Furstenberg

И уште неколку микро трендови за кои треба да знаете:

  • Стилот на 60-тите години. Стилот од 70-тите години владееше во текот на летото. Иако тој продолжува да ги инспирира дизајнерите и за оваа сезона, сепак, на сцена доаѓа и нов стил – стилот од 60-тите. Заоблени јаки, ролки, дводелни аутфити од волна... пронајдете кој од тие елементи можете да го вклопите во својот стил и уживајте во промените.
  • Боја на сенф. Есенското пожолтување на лисјата можеби беше инспирација за дизајнерите да ја изберат бојата на сенф за многу од своите креации и со тоа да ја стават меѓу најактуелните трендови.
  • Колор блокинг. Во сезоната што завршува колор блокингот беше апсолутен хит и нè научи да комбинираме бои кои досега не би ставиле една до друга. Облеката со блокови во различни бои продолжува да биде „ин“, но сега боите се малку поугаснати.
  • Графичка уметност. Чистата облека е модерна, но принтовите се уште помодерни. Апстрактни или геометриски форми, цветен дезен или животински мотиви – изборот е ваш.
  • Минимализам. Направете спој на стилот од 60-тите со женската елеганција, еднобојните материјали и строгите геометриски кројки за да добиете тренди минимализам.
  • Висок шлиц. Долгите сукњи и фустани треба да бидат зачинети со висок шлиц кој истовремено ја подобрува силуетата и носи голема доза сексапил.
  • Широки панталони и траперки. Модерните ногавици оваа сезона се широки од горе до долу и суптилно ја оцртуваат формата на телото. Но, нема да погрешите ако изберете фармерки или панталони тип траперки.
  • Пелерини. Класичните палта не го задоволуваат вашиот вкус? Свртете го фокусот кон интересни пелерини за уште поголем впечаток.
  • Плетки. Овој тренд и не е неопходно да го споменуваме, затоа што сакале или не, есента и зимата не може да поминат без плетени блузи, џемперчиња, капи или шалови.

Лесно е да се уплашите од модните ревии и нормално е во главата да ви се вртат прашања како: „Што си мислат овие? Како јас да го облечам она и да излезам на улица?“. Но, креациите на дизајнерите не се создадени за да ве плашат, туку за да ве инспирираат да пробате нешто ново и да ве поттикнат да експериментирате со старото. Трендовите треба да ги третирате индивидуално, така што ќе го земете во предвид вашиот личен стил, цели и интереси.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20802 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.