Неверојатно е колку многу модните додатоци можат да придонесат за подобрување на финалниот изглед. Со нивна помош на лесен начин можете да креирате оригинален единствен стил по којшто ќе бидете препознатливи. А да не зборуваме за тоа дека модните додатоци се и најевтиниот начин да ги следите модните трендови. Не мора да издвојувате цело богатство за обновување на вашата облека. Потрошете само малку пари за неколку модни додатоци и ќе бидете во чекор со модата.
Сакате да ја надополните вашата есенска и зимска гардероба со најинтересните и најактуелните модни додатоци? Продолжете да читате за да научите кои се трендовите од кои можете да црпите инспирација.
Чанти
Велат дека може многу да се научи за една жена според нејзината чанта. Ако сакате вашата чанта да е показател за вашиот моден вкус, тогаш несомнено ќе сакате да ја изберете според актуелните трендови. Еве какви чанти се модерни оваа сезона:
- Крзнени чанти. Крзното е тренд којшто го следеа повеќето дизајнери и како што наближува зимата, така тој постепено ќе си ја зголемува популарноста. Без разлика дали ќе изберете целосно крзнена чанта или чанта којашто има крзно само на одредени делови, во секој случај ќе бидете следбеничка на еден од најактуелните трендови.
- Чанти со животински принт. Најбезбеден начин да го следите трендот „животински принт“ е преку аксесоарите, поточно преку чантата. Чантите со леопардска шарка се многу популарни, но исто така и чантите од змиска кожа (имитација на змиска кожа).
- Чанти инспирирани од војничкиот стил. Чантите во маслинесто зелена боја со детали кои се карактеристични за војничкиот стил остануваат да бидат популарни и оваа сезона.
- Мини чанти. Малите чанти веќе не се наменети само за вечерно излегување. Заборавете ги преголемите чанти. Чантите тип „плик“ можете да ги носите и преку ден и навечер. Украсени со метални елементи, кристали, обложени со крзно, со животински принт... изборот е огромен.
- Чанти во неутрални бои и во црвена. Задолжително треба да поседувате барем една чанта во некоја од земјените есенски бои. Доколку имате можност, купете си чанта во карамела боја. Друг тренд кај чантите е црвената боја. Црвената чанта е супер во комбинација со популарното палто во карамела боја. Модерни се сите нијанси на црвено, а особено темните (бордо).
- Класични форми. На модните писти доминираа ретро чанти во квадратна или правоаголна форма, „докторски“ чанти и ученички чанти, без многу детали. Можете да изберете и чанти со преклоп од предната страна и чанти кои во горниот дел се затвораат со помош на врвка.
- Чанти „преку телото“. Чантите со долга рачка кои можете да ги носите преку телото се совршен избор за оние кои сакаат помладешки стил. Рачката може да биде синџирче, плетенка од кожа или за уште поголем впечаток – од бисери.
Ракавици
Ракавиците не само што ќе ги заштитат вашите дланки од студот, туку и брзо ќе го надополнат вашиот изглед.
Долгите ракавици кои достигаат до лактите се најдобриот избор оваа сезона. Можете да ги носите протегнати нагоре или да ги поттурнете надолу и да ги носите насобрани. Кога станува збор за материјалите, нема да погрешите ако изберете мека кожа или превртена кожа. Прескокнете ги премногу дречливите бои и претпочитајте ја класичната црна и сивата боја.
Ако повеќе сакате рокерски стил на облекување, ваш избор нека бидат ракавиците кои се пресечени кај прстите. Тие оставаат голем впечаток, но нивен минус е тоа што прстите ќе ви останат изложени на студот.
Имајќи во предвид дека плетената облека е голем хит во зимските денови, не е тешко да се претпостави дека плетените ракавици ќе бидат доста популарен аксесоар.
И ракавиците од чипка се одличен моден додаток за оваа сезона, но треба да бидете екстремно внимателни како ги комбинирате.
Шалови
Летните марами заменете ги со малку потопли шалови. Избирајте ги по свој вкус, затоа што се модерни во различни стилови, големини и од различни материјали.
Треба да лутате долго време на студот? Совршен избор се плетените шалови. И крупните и ситните плетки се подеднакво модерни. Сакате го акцентирате својот моден вкус? Тогаш изберете марама со животински принт, затоа што аксесоарите со животински принт се апсолутен хит оваа сезона. Шаловите со реси се одлични ако сакате да постигнете шик изглед.
Оние кои преферираат малку повеќе елеганција и префинетост може да ги изберат јаките и шаловите од крзно (најдобро вештачко крзно).
Чорапи на виделина
Чорапите за првпат оваа година започнаа да се промовираат како хит меѓу модните додатоци. Сигурно во изминативе години се обидувавте да ги прикриете, но сега извадете ги на виделина.
Избирајте чорапи со должина до колената, над колената или до бутовите, во зависност од останатата облека. Најдобро е чорапите да бидат во боја која не го привлекува премногу вниманието, како црна, сива, крем, кафеава и сл.
Не се плашете да експериментирате и да комбинирате различни должини. На пример, над високи чорапи (над колената) облечете чорапи кои достигнуваат до колената и малку пониски чизми.
Ткаенината зависи само од вас. Доста популарни се плетените чорапи, но ако имате подебели нозе, најдобро е да ги избегнувате, затоа што ги прават нозете уште пообемни.
Капи
Оваа сезона можете да изберете да носите секаква капа сè додека ви стои добро. Дизајнерите понудија на модните писти капи во различни модели и стилови, од елегантни до спортски и изработени од најразлични материјали.
Крзнените капи се голем хит, но само ако сте љубителка на крзнената мода. За секојдневен лежерен изглед изберете плетени капи. Тогаш кога сакате да го истакнете вашиот изглед, ставете баретка или малечко шеширче. Шапките „федора“ се добар избор, само наместо класичната сатенска лента, ставете лента од кадифе за оригинална комбинација.
Колани
Коланите кои се актуелни за оваа сезона можат да се опишат со еден збор: тенки. Затоа, ставете ги широките колани поназад во вашиот плакар и оставете ги при рака тенките. Скоро сите дизајнери вклучија во своите колекции тенки колани.
Можете да ги носите врз палта, широки плетени фустанчиња, туники и долги кошулчиња или со панталони со висок струк.
Накит
Актуелните модни трендови нудат две можности при изборот на накит – или воопшто да не ставате накит (минималистички стил) или да изберете голем накит којшто во секој случај ќе паѓа в очи.
Повеќето парчиња накит на модните писти беа огромни: големи ретро прстени, долги обетки, неколку белегзии на една рака, белегзии со бисери, кристали, камчиња, синџирчиња и масивни ланчиња и брошови. Доколку ви се допаѓа големиот накит, комбинирајте го со поедноставна облека. Избирајте накит изработен од лесен метал.