Иако снегот сè уште не си го покажал својот раскош кај нас, зимските аксесоари како капи, шалови и ракавици веќе се дел од женската, па и од машката облека.
Зимските аксесоари не смеете да ги пренебрегнете. Тие имаат двојна функција - освен што нè штитат од студот и снегот, ни даваат уникатност и стил. Ако имате развиена фантазија, само за малку пари можете да направите да изгледате како од модна писта со помош на аксесоарите.
Зимската капа е највпечатлив аксесоар кој го привлекува вниманието кон лицето. Некои ги избегнуваат капите, поради тоа што сакаат да ја зачуваат својата фризура. Но, од друга страна, нема ништо подобро од зимската капа ако сакате да ја сокриете лошата фризура, а тоа што сте женско ви дава привилегија да останете со капа на глава и во затворена просторија.
Денес постои огромен избор на капчиња, а најдобро е тоа што се застапени скоро сите стилови. Нема ограничувања, единствено вие треба да решите каков стил сакате и да ја сообразите капата со формата на вашето и лице и фризурата.
Еве ги нашите предлози.
Едноставни и секојдневни

Изберете капа која ќе внесе боја во вашата облека. Не се ограничувајте да имате капа со боја како вашата облека, можете да ја искористете капата за да ѝ дадете свежина на темната гардероба.
Елегантни и романтични

Ако сметате дека сите продавници ги нудат истите капи, а вие сакате да се издвоите од другите, искористете ја својата фантазија и направете го вашето шеширче единствено. Купете свилена лента и врзете ја околу капата, оформувајќи на едната страна панделка. Или ставете интересен брош. Верувајте, ќе останете во центарот на вниманието.
Практични и забавни

Крзното е повторно на мода оваа сезона, само со таа разлика што веќе не е модерно природното крзно. Славните личности се насочија кон вештачко крзно за да го искажат својот протест кон искористувањето на животните. Купете си капа со многу крзно или слушалки за уши и додека другите замрзнуваат, вие ќе можете без проблем да шетате и да уживате во снегот.
Изберете капа која го покажува вашиот карактер и која ви помага да изгледате поубаво. Сите овие капи нема да изгледаат подеднакво убаво на една иста жена. Затоа, насочете се кон капа која го акцентира вашиот стил и ве прави едиствени.