Почетна » Убавина и мода » Лице » Грижа за кожата според нејзиниот тип

Грижа за кожата според нејзиниот тип

Факт е дека секој се раѓа со различна кожа на лицето. Без разлика дали вашето лице е проблематично или не, вие постојано треба да водите грижа за него. Пред да започнете со потрагата по идеалната козметика за вашето лице, потребно е да знаете каков тип на кожа имате.

Како да го определите вашиот тип на кожа?

Типот на кожата може многу едноставно да се определи визуелно. Најпрво е потребно внимателно да го измиете вашето лице за да нема по него траги од козметика. Без да нанесувате каков и да било крем, оставете ја кожата да се релаксира 3-4 часа. Потоа со само еден поглед во огледалото лесно можете да го одредите типот на вашата кожа.

Жена со лупа на лицетоПред да започнете да ја негувате вашата кожа, потребно е да знаете каков тип е таа.
  • Нормална кожа – рамномерен тен на лицето и без непотребен блесок. Кожата изгледа мазна, еластична, свежа. По неа нема дефекти како проширени пори, комедони, кафеави флеки и т.н.
  • Сува кожа – тенка, нежна, мазна, мат. Во младите години изгледа многу убава, но таа е најсклона кон рано стареење. Може да се појави лупење, рано ја губи својата еластичност и се појавуваат брчки особено во областа околу очите.
  • Мрсна кожа – дебела и груба, со големи пори и мрсен блесок, често по неа се образуваат комедони. По надворешениот изглед оваа кожа потсетува на кора од лимон. Добрата страна на овој тип кожа е тоа што долго ја задржува својата еластичност.
  • Комбинирана кожа – истовремено покажува карактеристики и на нормална и на мрсна/сува кожа. Најчесто во Т-зоната (чело, нос и брадичка) кожата е мрсна, склона кон образување на комедони, а во другиот дел на лицето е нормална.

Само откако ќе утврдите каков тип е кожата на вашето лице, можете да започнете со правилна грижа за неа.

Специјална грижа за нормалната кожа

Нормална кожаНормалната кожа се карактеризира со рамномерен тен на лицето и е без непотребен блесок.
  • Користете маски за лице. Поради фактот што оваа кожа не создава непријатни проблеми, можете да употребувате маска за лице еднаш седмично и поретко.
  • Пилингот за лице нека стане ваша навика еднаш седмично, за да не го изгубите здравиот изглед на кожата.
  • Не користете сапун за миење на лицето. Има различни козметички средства направени за вашиот тип кожа. Избирајте не многу силна козметика. Таа е наменета за проблематична кожа.
  • Заштитете ја од сонцето. Со цел да ја зачувате вашата кожа квалитетна, потребно е да користите дневен крем со заштитен фактор 15.
Маски за нормална кожа
  1. Една супена лажица млеко во прав се меша со 1 ч.л. бебешки крем и неколку капки сок од лимон. Смесата нанесете ја на лицето, оставете ја да дејствува 20 минути и измиете ја со млака вода.
  2. Се мешаат 2 рендани моркови со 1 избиена белка од јајце и 1 ч.л. маслиново масло. Смесата се нанесува на лицето, каде е потребно да дејствува 20 минути.
  3. Една чајна лажица сол се меша со 1 с.л. кисело млеко, 1 с.л. брашно и 1 с.л. мед. Добиената смеса се нанесува на лицето да дејствува 10 минути. Се мие со млака вода.

Специјална грижа за сувата кожа

Сува кожаСувата кожа е тенка, нежна и најубаво изгледа во младите години, но најсклона е кон стареење.
  • Избегнувајте ја пудрата. Ако сепак решите да користите пудра, прво нанесете поголема количина хидратен крем. Подобрата варијанта е да употребувате крем пудра.
  • Класичните сапуни и тврдата вода се непријатели на сувата кожа. Наместо сапун, користете тоалетно млеко за чистење.
  • Хранете се здраво. Вклучете ги во вашето секојдневно мени зеленчуците и овошјето. Консумирајте храни богати со витамин А и Д. Препорачливо е да се пие рибино масло.
  • Пазете се од дехидратација. Секој ден пијте најмалку 6 чаши вода или други пијалаци кои не содржат кофеин.
  • Не користете многу силна козметика. Избегнувајте козметика која содржи алкохол, маски кои ја стегаат кожата или пилинг.
  • Не го изложувате лицето на сува топлина (сонце, оган, различни електрични уреди). Ако сте постојано изложени на клима уред, поставете во вашиот дом и работно место навлажнувач на воздухот.
Маски за сува кожа
  1. Се мешаат 100g мед, 2 жолчки, 100 маслиново масло и потоа се затоплуваат. Маската се нанесува на лицето неколку пати на интервал од 5-7 минути. Се отстранува од лицето со помош на памук, натопен во чај од липа.
  2. Се пасираат 2 варени компири, во нив се додаваат една жолчка од јајце и малку пресно млеко, за да стане смесата густа каша. Се нанесува на лицето и после 15 минути се мие со млака вода.
  3. Половина банана се пасира и се меша со 3 с.л. кисело млеко. Се нанесува на лицето каде треба да стои 15 минути. Потоа се мие лицето со чај од камилица.

Специјална грижа за мрсната кожа

Мрсна кожаМрсната кожа е дебела и груба, со големи пори и мрсен блесок, па често по неа се образуваат комедони.
  • Внимавајте на храната која ја внесувате. Продуктите што содржат шеќер (бонбони, чоколадо, сладолед и др.) се богати со јаглехидрати и ја активираат работата на лојните жлезди. Оттаму се појавува и досадниот мрсен сјај на лицето. Поради тоа овие храни треба да се избегнуваат.
  • Навечер чистете го лицето многу внимателно. Преку денот врз него се таложат не само продуктите од работата на лојните жлезди, но и прашина. Лицето треба да се чисти со козметичко млеко и потоа да се премачка со тоник. Полезно е преку денот лицето да се премачкува со сок од лимон.
  • Мрсната кожа не треба да се мие со жешка вода. Таа помага за активирање на лојните жлезди и со тоа лицето има повеќе сјај.
  • Два до три пати во седмицата користете пилинг за вашето лице. Така темелно се чистат силно проширените пори, кои се карактеристични за овој тип кожа.
  • Против проширените пори помагаат различните маски, кои ја регулираат работата на лојните жлезди.
  • Особено благопријатно влијаат парните бањи. За таа цел во сад со врела вода ставете кесичка со камилица, покријте ја вашата глава со крпа и останете над садот 10-тина минути. Оваа постапка помага за отворање на порите и полесно чистење на комедоните.
  • Употребувајте козметика која одговара на вашиот тип кожа. Се препорачува да се користат мат пудри.
Маски за мрсна кожа
  1. Во изматена белка од јајце додајте 1 ч.л. сок од лимон. Измешајте. Нанесете на лицето еден слој од смесата, почекајте 10 минути и нанесете уште еден слој. Откако ќе поминат уште 5 минути, измијте го лицето со млака вода. Оваа маска ги стега порите, ги измазнува брчките и ја избелува кожата.
  2. Со една чаша врела вода се преливаат 3 с.л. ситно исечкана краставица. Откако ќе поминат 2-3 часа течноста се цеди. Кон неа се додава 1 с.л. мед и се меша додека медот не се раствори. Така добиената смеса се нанесува на лицето со помош на памук и по 30 минути се отстранува со млака вода. Смесата од мед и сок од краставица е многу ефективно средство за лекување на комедони.
  3. Смешајте 1 с.л. глина во прав (се купува од аптеките) со 1 ч.л. сок од лимон и 1 ч.л. мед. Оставете ја смесата да дејствува на лицето 20 минути. Маските од глина одлично ја чистат мрсната кожа.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.