Почетна » Семејство » Дете » Тинејџерска депресија. Како да ја препознаете?

Тинејџерска депресија. Како да ја препознаете?

Депресијата е болест на современото општество, која не бира пол и возраст, а последните податоци говорат дека секој треба да биде информиран за неа. Се проценува дека во Македонија околу 200.000 луѓе страдаат од депресија, што би рекло дека во просек се засегнати секоја петта жена и секој десетти маж. Лошата вест е дека депресијата не ги поштедува ни помладите. Директорот на Клиниката за психијатрија, Антони Новотни, неодамна истакна дека во Македонија од депресија страдаат младите на возраст од 16 до 20 години, но дека пикот е меѓу триесеттата и четириесеттата година од животот.

Тинејџерските години се емоционална бура. Среќните периоди се чести, но не се ретки и миговите на тага и очај. Депресијата во пубертетот често минува незабележана од родителите кои мислат дека промената во однесувањето е само лош период кој ќе помине. За жал, депресијата е многу повеќе од само лош период. Таа може да доведе до сериозни последици – проблеми дома или во училиште, употреба на дрога, ризични сексуални односи, омраза кон себе, насилство, па дури и до самоубиство.

Со цел да се избегнат несаканите последици, потребно е навреме да ги препознаете предупредувачките знаци на тинејџерската депресија.

Тинејџерка во депресијаДепресијата во тинејџерските години е двојно позастапена кај девојките отколку кај момчињата

Знаци кои укажуваат на тинејџерска депресија

Тинејџерската депресија е голем предизвик за родителите, основно затоа што е тешко да се воочи разликата помеѓу знаците на депресијата и знаците на адолесценцијата.

Раздразливоста, тагата, промените во навиките на спиење и хранење, лутината и ниската самодоверба се типични за младите кои минуваат низ пубертет, па тешко е да се утврди во кои случаи всушност се работи за депресија.

За да откриете дали вашиот адолесцент страда од депресија или е „само тинејџер“, земете ја предвид долготрајноста и сериозноста на симптомите. Симптоми кои не исчезнуваат со седмици или месеци и влијаат врз нормалното функционирање на детето најчесто сигнализираат депресија. Еве некои од симптомите и знаците кои се карактеристични за депресивен тинејџер:

  • Постојано е тажен и раздразлив, и тоа не само кога контактира со родителите, туку и со пријателите. Не е невообичаено тинејџерите да се однесуваат непријателски кон родителите, а да се како ангелчиња пред пријателите. Лош сигнал е кога средбите со пријателите не ги тргаат тагата и раздразливоста од однесувањето на тинејџерот.
  • Покажува лутина и агресивност, дури и кога не е испровоциран. Имајте на ум дека депресијата кај адолесцентите се манифестира на малку поразличен начин отколку кај возрасните. Додека депресивните возрасни лица најчесто се повлечени и тажни, кај тинејџерите депресијата почесто води до гневно однесување и изблици на лутина. Депресивните адолесценти имаат ниско ниво на толеранција, нетрпеливи се и буквално сè може да ги извади од такт. Понекогаш се агресивни, па дури и насилни.
  • Често плаче без да може да каже која е причината за солзите.
  • Наеднаш се влошува неговиот успех на училиште. Одличниот ученик кој страда од депресија одеднаш може да започне да добива ниски оценки. Нему му е тешко да се сконцентрира, да помни детали и да донесува одлуки. Му недостига ентузијазам и желба за учење.
  • Често ве замолува да го ослободите од часови со изговор дека го боли стомакот и главата.
  • Губи интерес за неговите хобија. Депресијата може да го оттргне тинејџерот од неговите хобија како свирење гитара, танцување, пеење, тренирање одреден спорт и сл.
  • Покажува незаинтересираност за забава и дружење. Тинејџерите кои страдаат од депресија најчесто ја губат желбата за излегување со пријателите или учество во забавни активности кои дотогаш ги развеселувале. Тие може да ги оценуваат друштвените активности како „здодевни“ и „глупави“. Под влијание на депресијата, личностите кои отсекогаш биле активни и екстравертни, одеднаш може да станат тивки и повлечени.
  • Губи апетит и драстично слабее или се храни основно со брза храна и нагло се дебелее. Депресијата најчесто е проследена со губење на апетит, но понекогаш тагата го поттикнува хранењето со мрсна или слатка калорична храна кое води до здебелување. Затоа, важно е да се обрне внимание на драстичната промена во начинот на хранење и во телесната тежина.
  • Доминантни чувства на беспомошност и бесполезност, ниска самопочит. Коментарите како „Јас во ништо не сум добар“, „Нема ништо убаво во мојот живот“, „Изгледам одбивно“ и „Мојот живот е бесмислен“ се многу чести за тинејџерите кои страдаат од депресија. Депресивните адолесценти чувствуваат вина, често се навраќаат на минат неуспех и се пречувствителни на критицизам.
  • Има недостиг на енергија и постојано се жали дека е истоштен. Му се чини дека секоја активност бара од него преголем напор и најчесто одбива да стапи во акција.
  • Нетипични бавни движења и забавено зборување. Депресивните лица не чувствуваат ентузијазам и имаат ниска енергија, па тоа резултира со бавни движења, кратки реченици и забавено зборување.
  • Инсомнија, предолго спиење, спиење во невообичаен период од денот. Предолгото спиење и будноста во текот на ноќните часови е карактеристично за адолесцентите. Но, инсомнијата и предолгото спиење може да се знаци на депресија. Депресивните тинејџери може да спијат повеќе од 12 часа, а исто така да ги преспиваат оние периоди од денот кои претходно им биле предвидени за забавни активности – саботно излегување на кафе, следење на омилената серија и сл.
  • Пуши, употребува алкохол или опојни дроги. Употребата на дрога и депресијата често одат рака под рака. Депресивните лица полесно се справуваат со негативните емоции и мисли кога користат легални и нелегални дроги.
  • Зависност од интернет. Повеќето млади луѓе денес стануваат зависни од интернетот, но депресивните личности го користат како начин да избегаат од реалноста. Тие се приврзуваат толку многу за виртуелниот свет, што презираат сè од реалниот.
  • Има песимистички и суицидни мисли. Често се шегува за тоа дека ќе се самоубие и користи реченици како „Подобро ќе ми беше да бев мртов“ и „Можеби ќе ме сакате повеќе ако умрам“.

Важно! Споменатите знаци на тинејџерска депресија треба да се разгледуваат внимателно за да не бидат погрешно протолкувани. Повеќето од нив се карактеристични за нормалниот развој и однесувањето на адолесцентите.

Што може да предизвика депресија кај тинејџерите?

Емоциите на тинејџерите се комплексни. Бурата од хормони, промените во физичкиот изглед и желбата за поголема независност имаат силно влијание на психичката состојба на младите. Депресијата многу почесто се појавува кај децата чии родители страдале од оваа состојба, но таа може да биде предизвикана и од:

  • Смрт на блиска личност;
  • Нарушени односи во домот – постојани кавги, семејно насилство;
  • Развод на родителите;
  • Сексуално малтретирање;
  • Финансиски проблеми, сиромаштија;
  • Преселување во нов дом и промена на училиштето;
  • Несподелена љубов, раскинување;
  • Разочарување или неуспех на училиште;
  • Стрес поради промените во физичкиот изглед кои ги носи пубертетот;
  • Лоши социјални вештини кои резултираат со изолираност од пријателите;
  • Инвалидитет;
  • Физички недостаток;
  • Вербално или физичко малтретирање од соучениците.

Како родител, треба одблиску да го следите однесувањето на вашето дете во тинејџерските години. Длабоко во срцето вие ќе знаете кога некое однесување не е само фаза и дека треба да интервенирате. Ако се сомневате дека вашето дете е депресивно, верувајте им на своите инстинкти и веднаш поразговарајте со него. Информирајте се како да го надминете проблемот заедно, но и со помош на стручни лица. Депресијата е сериозен проблем кој не смее да биде игнориран.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.