Почетна » Семејство » Дете » Ноќно мокрење кај децата: Што можете да направите?

Ноќно мокрење кај децата: Што можете да направите?

Ноќното мокрење в кревет е непријатен проблем кој предизвикува срам, вознемиреност и ниска самодоверба кај децата и паника кај нивните родители. Познато уште и како ноќна енуреза, ноќното мокрење се карактеризира со неволно испуштање на урина во текот на спиењето.

Најчесто овој детски проблем исчезнува со растењето, па нема потреба од преголема загриженост, но неопходно е родителите да му пристапуваат со многу трпение и разбирање.

Заспано девојче

Колку е често ноќното мокрење и што го предизвикува?

Ноќното мокрење е многу честа појава, иако голем дел од родителите одбиваат да дискутираат на оваа тема надвор од домот. Всушност, едно од пет деца на предучилишна возраст и околу 5% од децата на 10-годишна возраст ги намокруваат своите кревети во текот на ноќта. Најчесто, целосната контрола врз мокрењето се развива на возраст од 5-6 години.

Докторите не можат точно да ги утврдат причините за појава на ноќно мокрење кај децата. Веројатноста од ноќно мокрење е многу поголема кај момчињата отколку кај девојчињата. Тука треба да се спомене и генетскиот фактор. Имено, ако мајката или таткото страдале од ноќно мокрење во детството, шансите енурезата да се појави и кај нивните деца се зголемуваат за 44%. Доколку двајцата родители го намокрувале креветот како деца, кај нивното дете шансите за ноќно мокрење се зголемуваат до 77%.

Неретко причината за ноќно мокрење е од емоционален карактер. Преголемиот стрес, кој е резултат од настани како развод на родителите, загуба на блиска личност, преселување во нов дом, започнување на училиште, ново братче или сестриче, може да предизвика неконтролирано мокрење во текот на ноќта.

Во многу ретки случаи зад неконтролираното мокрење стои здравствен проблем. Со мала помош од родителите, најголем дел од децата го надраснуваат овој проблем. Задолжителна е консултација со доктор ако:

  • Детето често мокри в кревет и по 6-7 години.
  • Детето започне да мокри в кревет по неколкумесечен и неколкугодишен „сув“ период.
  • Мокрењето е проследено со болка или во урината има траги од крв.
  • Детето силно ‘рчи во спиењето.

Како можете да му помогнете на детето?

Најлошата тактика за справување со проблемот е казнување на детето по ноќниот „инцидент“. Викањето, засилувањето на чувството на срам и казнувањето можат само да го влошат проблемот. При појавата на ноќно мокрење в кревет, задача на секој родител е да покаже смиреност и трпение. Еве совети како да му помогнете на детето побрзо да го надмине проблемот:

  • Охрабрете го да пие повеќе течности во текот на денот, а помалку навечер. Ограничете ја количината на сокови и вода кои детето ги пие неколку часа пред спиење. Но, не ги сведувајте на минимум ако детето е вклучено во спортски активности во доцните попладневни часови. Околу 80% од течностите детето треба да ги прима до 17 часот.
  • Лимитирајте го кофеинот во исхраната. Кофеинот ја зголемува потребата за мокрење, па избегнувајте да му давате пијалаци и храна кои содржат кофеин (газирани сокови, чоколадо, одредени чаеви).
  • Потсетувајте го да го посети тоалетот пред спиење. Исто како миењето заби, уринирањето пред спиење треба да биде една од навиките на вашето дете за тоа да ја започнува ноќта со „празен стомак“. Некои деца се нетрпеливи да излезат од тоалетот и најчесто не ја исфрлуваат целата урина. Ако го забележите ова, охрабрете го да го посетува тоалетот двапати пред спиење. Еднаш пред да започне да се подготвува за спиење и уште еднаш непосредно пред да легне в кревет.
  • Ставете мала ламба за вашето дете полесно и побезбедно да го пронајде патот до тоалетот. Многу мали деца навечер се плашат да одат до тоалетот поради стравот од темнината. Со цел да го охрабрите вашето малечко да стане од креветот за да се измокри, осветлете му го патот до тоалетот.
  • Создајте календар на успехот. Нацртајте по едно квадратче за секој ден од месецот и дозволете му на вашето малечко во нив да го црта својот омилен симбол секогаш кога креветот ќе остане сув преку ноќ. Откако тоа ќе собере одреден број симболи, понудете му мала награда. Целта е да му се даде чувство на контрола и оптимизам дека може да се справи со проблемот. Иако ова не е стратегија која гарантира успех, сепак, таа може да влијае врз мотивираноста на детето да ги следи вашите препораки.
  • Поттикнете го да ви помогне во расчистувањето. Повикајте го детето да ви помогне во менувањето на чаршафите или дајте му да ги однесе мокрите пижами во кошницата за валкани алишта. Таквите мали обврски не само што ќе му го засилат чувството на одговорност, туку и ќе му го намалат чувството на вина, бидејќи тоа ќе знае дека ви помогнало со расчистувањето на нередот.
  • Обрнете внимание дали детето страда од запек. Запекот може да биде причина за ноќното мокрење, бидејќи полните црева вршат притисок на мочниот меур.
  • Ако имате можност, набавете аларм специјално дизајниран за справување со овој проблем. Постојат будилници со сензори кои го будат детето во секундата кога креветот ќе се намокри. Користењето на овие аларми е доста ефективно.
  • Заштитете го душекот ставајќи најлонски прекривач помеѓу него и чаршафот. За да си го олесните процесот на промена на постелнината, снабдете си чаршаф кој не пропушта вода или ставете најлонски прекривач под чаршафот. Исто така, ставете чисти пижами до креветот на детето за тоа да може веднаш да се пресоблече.
  • Објаснувајте му на детето дека тоа што му се случува е краткотраен проблем. Околу 90% од децата кои мократ в кревет сметаат дека тоа им се случува само нив, а тоа е причина за поголема вознемиреност, стрес и засраменост. Доколку вие или сопругот сте го имале истиот проблем, споделете го тоа со детето и задолжително спомнете му дека и тоа ќе го надрасне ноќното мокрење како што се случило со вас.
  • Не дозволувајте некој да се шегува со детето за мокрењето. Многу е важно да се минимизира засраменоста кај детето, а тоа нема да се случи ако негово братче или сестриче се шегува за постоечкиот проблем.
  • Останете смирени и никогаш не го обвинувајте детето за „инцидентите“. Детето треба да е убедено дека неволното мокрење не е по негова вина. Објаснете му дека причина за мокрењето може да е неговиот мал мочен меур или длабокиот сон. Иако менувањето на чаршафи и пижами во текот на ноќта не е пријатна задача, мора да останете смирени и по секоја цена да го избегнете покажувањето на лутина.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19667 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.