13 недела
Вие: Вашето стомаче ќе започне да ја издава бременоста. Ако сè уште не сте ја споделиле вашата тајна со другите, сега е време да го направите тоа. Имате повеќе енергија и можете да смислите креативен начин да ја соопштите радосната вест. Апетитот ви се зголемува и ќе продолжи да се зголемува како што ќе напреднува бременоста.
Вашето бебе: Вашето бебе досега се оформуваше и развиваше, а сега ќе започне да расте. Вратот се издолжува и сè повеќе малиот фетус ќе добива човечки лик. Очите се поместуваат кон средината на главата, а ушите ги заземаат своите места од двете страни на главата.
14 недела
Вие: Вие може да почувствувате болки во грбот. Болки може да се јават и во долниот дел на стомакот, бидејќи бебето постојано расте и му е потребен простор. И покрај тоа, вие треба да се чувствувате добро, затоа што веќе ги нема непријатните мачнини и големиот замор кој ве мачеше во првото тримесечје.
Вашето бебе: На прстите на бебето се создаваат уникатни отпечатоци. Телото на вашето најмило сега е покриено со нежни влакненца наречени лунаго, кои ја заштитуваат кожата. Брадата веќе не се потпира на градите, затоа што вратот е издолжен. Во текот на оваа недела бебето ќе започне да вдишува и издишува. Се формираат и вокалните способности кои ќе ги практикува кога ќе се роди. Рацете на бебето функционираат нормално и тоа може да го става палецот во устата.
15 недела
Вие: Ако сте бремена со второто дете, вашиот стомак побрзо ќе започне да се познава. Тоа е така затоа што мускулите на стомакот најверојатно ви се поопуштени. Но, ако досега не ви се „познава“ стомачето – не се разочарувајте. Бременоста станува видлива во периодот од 14-тата до 20-тата недела.
Вашето бебе: Вашето бебе веќе е долго 9 до 10cm. Тоа започнува да добива трепки на очите и веѓи. Крвните садови можат да се видат преку неговата тенка кожа. Малото бебенце сега може да ги витка зглобовите на рацете и колената. Додека се обидува да го цица палецот, може да започне да ика.
16 недела
Вие: Ако го имате чувството наречено „пеперутки во стомакот“, вие најверојатно сте го почувствувале вашето бебе. Во текот на оваа недела може да ви се појави крвавење на носот или на непцата. Може да почувствувате и болка во стомакот, затоа што се тегнат лигаментите. Стапалата може да ви потечат, но не се плашете, тоа се нормални симптоми. Сепак, ако нешто ве загрижува, консултирајте се со вашиот гинеколог.
Вашето бебе: Должината на вашето бебенце е веќе околу 11cm. Срцето му работи забрзано со 117 до 157 отчукувања во минута. Нозете му се подолги од рацете и може да го цица палецот. Можат да се забележат различни изрази на лицето на вашето бебче. Кај женските, милиони јајце-клетки се формираат во јајниците.
17 недела
Вие: Вие ќе чувствувате постојано глад и логично вашата телесна тежина ќе се зголемува. Вашата матка е на средината меѓу папокот и срамната коска. Ако потите повеќе од обично или имате повеќе вагинален секрет, не се грижете. Сето тоа ќе исчезне откако ќе се породите.
Вашето бебе: Во текот на оваа недела вашето бебе започнува да создава масно ткиво, кое ќе му помогне да ја одржува телесната температура кога ќе се роди. Тоа развива и свои рефлекси кои ќе му овозможат да цица, голта и трепка.
18 недела
Вие: Ако до сега не сте почувствувале некое од движењата на бебето – не паничете. Секоја бременост е различна, бидете трпеливи. Може да чувствувате вртоглавица во текот на целата бременост. Ако тоа не се случува често и сериозно, не треба да се загрижувате. Тоа се нормални симптоми.
Вашето бебе: Вашето бебе започнува да слуша сè однатре и однадвор. Не се чувствувајте глупаво ако разговарате со него или му пуштате релаксирачка музика. Коските започнуваат да се зацврстуваат. Не го пропуштајте внесувањето на калциум. Нежните влакненца (лунаго) го прекриваат целото тело на вашето бебенце.
19 недела
Вие: Во овој период може да се појават непријатните киселини. Обидете се да не јадете точно пред спиење за да ги избегнете. По вашето лице може да се појават дамки, а кожата на вашиот стомак да стане црвена, сува и да ве чеша. Стриите се една од непријатните појави кои настануваат поради затегнувањето на кожата. За да ги избегнете, користете лосиони и млека против стрии уште пред нивното создавање.
Вашето бебе: Веќе сте бремена 19 недели и вашето бебе станува сè поактивно. Тоа веќе е комплексна човечка личност. Иако во поголемиот дел од времето спие, има периоди кога е доста активно и може да клоца, да се врти, да мрда со рацете и да удира. Сега тоа може да прави свесни движења.
20 недела
Вие: Најверојатно до сега веќе ви се има појавено темна линија по средината на стомакот (linea negra) која ќе исчезне по породувањето. Може да имате и потешкотии со дишењето и често мокрење.
Вашето бебе: Честито! Вие сте на половина од вашата бременост. Кожата на бебето е прекриена и заштитена со бела материја наречена верникс. Ако носите девојче, нејзината матка веќе е формирана и почнува да се развива вагината. Вашето бебе може да слуша звуци и ако има силни звуци околу вас, ќе си ги покрие ушите со помош на рацете.
21 недела
Вие: За разлика од првото тримесечје сега вие се чувствувате поопуштена и имате повеќе енергија. Во овој период вашето либидо ќе се покачи. Ако имате нормална бременост можете да уживате во сексот.
Вашето бебе: Вашето бебе сега има должина од 18cm. Тоа е една минијатурна верзија на она што ќе биде кога ќе се роди, затоа што веќе е формирано неговото лице. Косата на главата започнува да расте. Срцето му станува сè посилно и во некои случаи може да се слушне со помош на стетоскоп.
22 недела
Вие: Како што расте вашето бебе, така вие добивате повеќе килограми. Тоа е дополнителен товар на вашиот 'рбет и може да чувствувате болка во долниот дел на грбот. Таа болка може да ја ублажите ако носите ниски обувки и ако избегнувате да стоите подолго време. Кога седите, обидувајте се да ги подигнете и потпрете нозете, така што колената да ви бидат повисоко од колковите.
Вашето бебе: Бебето станува сè поактивно. Тоа има развиено чувство за допир и вкус. Може да чувствува силни вкусови од аминионската течност. За да го развива чувството за допир бебето постојано го допира своето лице, го цица палецот или допира делови од неговото тело. Неговите трепки, веѓи и нокти се скоро целосно развиени.
23 недела
Вие: Како што се приближува датата за породување, така вие сè повеќе ќе имате проблеми со спиењето. Возбудата, киселините, грчевите и вашата тежина ќе ви го скратат сонот. Но, многу е важно да се обидете да имате што повеќе одмор.
Вашето бебе: Вашето најмило започнува да личи на новороденче. Кожата се проѕира сè помалку, а неговото тело станува повеќе пропорционално. Должината сега му е околу 20cm, а тежината 450-500g.
24 недела
Вие: Веќе сте бремена 24 недели. Вашите гради се подготвуваат за доење и постојано растат. Можете да забележите дека со нив растат и ареолите на брадавиците. Во овој период сè уште ги чувствувате непријатните киселини, грчевите во нозете и болката во долниот дел на грбот.
Вашето бебе: Вашето бебенце има контрола врз сите негови чувства – за вид, мирис, допир, слух и вкус. Во текот на оваа недела се развиваат крвните садови во белите дробови. Вашето бебе создава бели крвни клетки кои се борат против инфекциите и болестите. Неговата должина е 21cm. Тоа е мошне чувствително на звуци и подобро е да избегнувате да сте во околина каде што има силни звуци.
25 недела
Вие: Вашето тело продолжува да се менува. Може да се појават и хемороиди. Затегнатата кожа на стомакот ви предизвикува чешање. За да го намалите чешањето мачкајте се со маслиново или кокосово масло. Може да имате и „живи“ соништа.
Вашето бебе: Во текот на оваа недела се менува кожата на бебето. Веќе нема да биде проѕирна и ќе добие боја слична како вашата. Структурата на грбниот столб се формира и ноздрите започнуваат да се отвораат. Неговото срце чука многу силно и ако некој го стави увото на вашиот стомак, може да го слушне.
26 недела
Вие: Во текот на оваа недела може да почувствувате Бракстон–Хиксови контракции, кои траат околу 30 секунди и не се опасни. Тие го приготвуваат телото за денот на породувањето. Вообичаено е да имате и повеќе вагинален секрет, гасови и да испуштате мали количини урина кога кивате или кашлате. Сето ова е нормално и не треба да ве загрижува.
Вашето бебе: Во овој период бебето е многу активно. Може да го осетите како потскокнува кога сте во близина на силен звук или да осетите како се смирува кога ќе го слушне вашиот глас. Иако кожата на бебето се менува од проѕирна во розова, сè уште можат преку неа да се видат вените. Очите му се веќе скоро целосно развиени и се подготвуваат да се отворат. Во овој момент очите му се сини, но вистинската боја ќе ја добијат дури неколку месеци по раѓањето. Мозокот му созрева брзо. Тежината на вашето најмило веќе е 910g, а должината 23cm.
27 недела
Вие: Вие сте бремена веќе 2 тримесечја. Уште едно и ќе можете да го прегрнете вашето бебе. Може да имате потешкотии со дишењето. За да го избегнете тоа, одмарајте се почесто, намалете ги дневните активности и не бидете под стрес.
Вашето бебе: Белите дробови на бебето и имунолошкиот систем се развиваат и подобруваат, затоа што тоа се подготвува за доаѓање на овој свет. Ако се роди сега тоа има 85% шанса да преживее, поради тоа што неговите бели дробови се приспособени да дишат воздух. Бебето би изгледало исто како да би се родило во 40-тата недела, само што ќе биде помало и послабо.