Почетна » Семејство » Бременост » Првото тримесечје од бременоста

Првото тримесечје од бременоста

1 недела

Вие: Дали знаете дека за прв ден од вашата бременост се смета првиот ден од вашата последна менструација? Да, веќе тече првата недела од вашата бременост, а вие сè уште не сте бремена. Звучи збунувачки нели? Да се обидеме да објасниме.

Вашиот доктор ја пресметува датата на која треба да се породите, врз основа на првиот ден од вашата последна менструација. Оваа дата се користи затоа што повеќето жени не знаат кога им била последната овулација.

Има и друга логика за употребата на точно таа дата: Секогаш кога имате менструација, вашето тело се подготвува за бременост, т.е. секоја менструација за телото значи подготовка за потенцијална бременост. Помеѓу 10 и 100 јајца почнуваат да созреваат и најчесто само едно од нив станува доволно зрело за да биде оплодено кога вие сте во овулација. Ако зачнете, таа јајце-клетка ќе ви го донесе вашето бебе.

Доколку се обидувате да зачнете, следете ја вашата базална температура. Мерете ја секое утро и запишувајте ја секоја промена. Во текот на овулацијата температурата се зголемува за 0,2 до 0,4 Целзиусови степени. Тогаш вашето тело е подготвено за оплодување.

Вашето бебе сè уште не е зачнато и сега е време вие да му обезбедите здрави услови за развивање:

Здрава храна
Консумирајте повеќе здрава храна богата со витамини.
  • Воздржувајте се од консумирање на алкохол, цигари и други наркотични средства.
  • Ако примате лекарства, консултирајте се со доктор за да ви каже дали да продолжите да ги пиете во текот на бременоста.
  • Продолжете да вежбате умерено. Ако досега не сте вежбале – започнете. Така вашето тело ќе добие повеќе енергија и ќе можете да ја одржувате вашата телесна тежина во бременоста.
  • Започнете да консумирате витамини кои се добри за бремени жени: со повеќе железо, фолна киселина и калциум.
  • Јадете разнообразна храна. Консумирајте повеќе зеленчуци и овошје.

2 недела

Вие: Додека вие го подготвувате вашето тело за тоа да може да создаде услови за нормално развивање на фетусот, тоа се подготвува за овулација. Зачнувањето најчесто се случува на крајот на втората или во почетокот на третата недела, од првиот ден на вашата последна менструација. Менструалниот циклус варира од 28-36 дена, но најчесто трае 28 дена.

Околу 14-тиот ден настанува овулацијата. Од јајниците се ослободува созреана јајце-клетка која е подготвена за оплодување. Јајце-клетката се повлекува во јајцеводот и таму живее 24 часа. Во тој период ако сперматозоидот (машката полова клетка) успее да ја пробие обвивката на јајце-клетката настанува оплодување.

Некои мајки тврдат дека чувствуваат дека се бремени уште од првиот момент. Но, не е секогаш така. Вие најверојатно не знаете, но во вас веќе расте вашето идно бебе.

3 недела

Позитивен тест за бременостНајверојатно ќе дознаете дека сте бремена во 4-та или 5-та недела.

Вие: Ако чувствувате замор или сте убедени дека градите полека ви се зголемуваат во третата недела, можеби не е сè само ваша фантазија и вие веќе станувате мајка. Овие симптоми се првите знаци за бременост. Исто така може да имате и промени во расположението и потреба за често мокрење.

Иако вие во овој момент не знаете со сигурност или воопшто не се сомневате, во вас се развива нов живот.

Вашето бебе: По зачнувањето оплодената клетка започнува да се дели и размножува и го започнува своето патување до матката. Во третата недела оплоденото јајце пристига и „се населува“ во задебелените ѕидови на матката.

Кон крајот на ова недела во вашето тело ќе започне да се создава HCG хормонот. Неговото присуство се детектира од тестовите за бременост и на тој начин вие за прв пат ќе добиете сигурен одговор на прашањето дали сум бремена.

4 недела

Вие: Во текот на оваа недела ќе забележите дека ви доцни менструацијата. Ќе се чувствувате уморни, вашите гради ќе бидат почувствителни на допир и почесто ќе го менувате расположението. Можеби сето тоа ќе му го препишете на предменструалниот синдром, но ако направите тест за бременост ќе ја дознаете вистинската причина за појавата на тие симптоми.

Вашето бебе: Ако досега не сте се подготвувале за бременоста и сето ова не сте го планирале, време е да започнете. Вашето бебе сега е неразделно поврзано со вас. Вашето здравје и храната која ја внесувате влијаат врз него.

5 недела

Вие: Иако сте бремена веќе 4 недели, најверојатно ќе разберете за тоа во петтата недела. Честито! Можеби ќе ви изгледа нереално, но вие ќе станете мајка, затоа започнете да се грижите повеќе за себе. Само така ќе му помогнете на вашето бебе да се развива нормално. На секоја просечна бремена жена потребни ѝ се дополнителни 300 калории во дневното мени. Обидете се да ги внесете преку здрава и разновидна храна.

Вашето бебе: Во меѓувреме додека вие го подготвувате вашиот оброк со здава храна, во вас се формираат виталните органи на вашето бебе – срцето, белите дробови, црниот дроб, бубрезите, тироидната жлезда и панкреасот. Нема да верувате, но и покрај целиот овој процес на развивање, вашето најмило е големо од 1,5 до 2,5mm.

6 недела

Вие: Во текот на шестата недела значително повеќе ќе чувствувате гадење, затоа што нивото на хормоните во телото расте. Иако се нарекуваат утрински мачнини, тие можат да продолжуваат во текот на целиот ден. Овој симптом на бременоста ги измачува скоро половината бремени жени и најчесто трае до почетокот на второто тримесечје. Вашите гради ќе растат сè повеќе, за да бидат подготвени за идното доење. Ареолите на брадавиците може да станат потемни и да се зголемат.

Вашето бебе: Во текот на оваа недела фетусот почнува да се оформува. Главата е повидлива, а се познаваат и мали точки каде што ќе се развијат очите и ушите. Вашето бебе е долго 3-5mm. Во текот на оваа недела се формира невралната туба, од која се развиваат мозокот и рбетот. Црниот џигер и бубрезите се развиваат забрзано, а циркулацијата на крвта веќе е видлива.

7 недела

Вие: Промените на нивоата на хормоните може да се одразат на вашето лице. Одржувајте добра хигиена на лицето, за да не се почувствувате повторно како адолесцентка. Ако консумирате витамин B6 за да ви помогне со утринските мачнини, ќе забележите дека ќе ви помогне и да си ја подобрите состојбата на лицето. Вашиот струк полека започнува да се шири, па затоа можеби ќе ви биде неудобно во тесна облека. Некои жени чувствуваат и вртоглавица. Ако некој симптом ве загрижува, веднаш консултирајте се со вашиот гинеколог.

Вашето бебе: Во следната недела вашето најмило е со големина на едно гравче (11-13mm). Црни точки го обележуваат раното оформување на очите. Се формираат и ноздрите и ушите. Мозокот постојано се развива. Се оформува дигестивниот систем и стомакот. Малиот фетус веќе има развиени раце и нозе, но не и прсти.

8 недела

Жена со панделка на стомакВнесувајте доволно витамини и хранете се здраво.

Вие: Најверојатно се чувствувате подуена и изморена. Можено е сè уште да имате утрински мачнини. Продолжете да внесувате доволно витамини и јадете здрава храна. Подобро ќе се чувствувате ако јадете почесто и помали оброци. Наутро пред да станете од кревет, каснете неколку крекери и полежете уште малку. Тоа ќе ви помогне да не се чувствувате лошо.

Вашето бебе: Вашето најмило во текот на оваа недела започнува да личи на минијатурно бебенце. Тоа веќе има оформени очни капаци, горна усна и може да му се види врвот на малото идно носе. Срцето му чука со голема брзина од 150 пати во минута (двојно поголема од брзината со која чука вашето срце). Во овој период започнуваат да се формираат малите прсти на рацете и нозете.

9 недела

Вие: Вие веќе сте бремена 9 недели. Вашите гради ќе се зголемат значително и ќе станат осетливи на допир. Ако имате светол тен, вените на градите ќе станат повидливи. Можно е веќе да не чувствувате гадење и замор и вашето либидо да се покачи. Одмарајте се повеќе и заголемете си го времето потребно за да се наспиете. Правете лесни вежби за да го одржувате вашето тело. Може да се запишете на часови за јога за бремени.

Вашето бебе: Во текот на оваа недела кај вашето идно бебе се формираат репродуктивните органи. Вие треба да почекате уште неколку недели за да го дознаете неговиот пол. Веќе можете да го слушнете малото срце како бие. Многу е рано и вие не можете да го почувствувате, но вашето најмило активно ги движи мускулите. Фетусот на оваа етапа ги има формирани сите витални органи и е со големина од 20-28mm.

10 недела

Вие: Вашето расположение постојано ќе се менува. Не се изненадувајте ако плачете за нешта кои нормално не би ве расплакале. Пазете на вашата орална хигиена. Во текот на оваа недела непцата може да ви омекнат и да започнат да крвават. Често мијте ги забите, затоа што утринските мачнини носат стомачни киселини во вашата уста и тие киселини можат да ги оштетат забите. Закажете си термин на стоматолог и задолжително кажете му дека сте бремена, бидејќи тоа влијае на начинот на кој би ве лекувал. Поради зголемениот волумен на крв, вените на нозете, градите и рацете ќе ви бидат повидливи.

Вашето бебе: Во текот на десеттата недела мозокот на вашето бебче расте многу брзо и произведува 250 000 неурони секоја минута. Очните капци веќе не се проѕирни и ушите добиваат финална форма. Коските на скелетот и мускулите на вратот започнуваат да се формираат. Се создава дијафрагмата која ги разделува стомакот и срцето.

11 недела

Вие: Поради промените во нивоата на хормоните, многу е веројатно дека ќе страдате од честа главоболка. Жените кои што страдаат од мигрена, сега ќе ја чувствуваат почесто. Внимавајте, не можете да употребувате секакви лекарства за да ја намалите главоболката. Консултирајте се со доктор. Пијте доволно течности, не бидете под стрес и спијте повеќе за да ја избегнете главоболката.

Вашето бебе: Главата на вашето идно бебе е голема скоро колку останатото негово тело. Во овој период главата расте со забавено темпо. Сите органи се формирани и сега започнуваат да растат.

12 недела

Бремена женаКон крајот на првото тримесечје ќе ви се врати енергијата, но важно е да продолжите да се одмарате.

Вие: Скоро завршува првото тримесечје и луѓето може да го забележат блесокот на вашето лице. Многу жени чекаат до овој момент за да им ја соопштат радосната вест на своите најблиски, затоа што се намалуваат шансите за пометнување. Сега ќе имате повеќе енергија и ќе бидете поопуштени. Сепак, продолжете да се одмарате.

Вашето бебе: Вашето бебе е долго околу 6cm. Можеби за вас тоа е сè уште многу малку, но тоа веќе двојно си ја зголеми должината во текот на 3 недели. Кога ќе размислите на тој начин, сепак 6cm изгледаат зачудувачки многу. Врз прстите на бебето веќе започнуваат да растат нокти. Тоа е способно да ја отвора устата и да голта.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20785 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.