Сакале или не, веќе извесно време сме „бомбардирани“ со вести за Доналд Трамп и неговото семејство. Освен кон новиот претседател на САД, медиумите непрекинато се фокусираат и на неговата сопруга Меланија и неговата ќерка Иванка. Но, малкумина пишуваат и зборуваат за неговата друга ќерка – Тифани.
Тифани е единственото дете на Трамп со неговата втора сопруга Марла Мејпелс. По разводот на нејзините родители, таа остана да живее со нејзината мајка во Калифорнија.
„Беше одлично што имав шанса да растам како нормално дете, настрана од вниманието на јавноста“ – изјави Тифани, алудирајќи на тоа дека нејзините браќа и сестрата Иванка постојано беа под лупата на медиумите.
Тифани неодамна дипломира на Универзитетот во Пенсилванија, а се претпоставува дека ќе го продолжи образованието во сферата на правото и правните науки. Таа нема да биде дел од тимот на Доналд, во кој се очекува Иванка да има важна улога.
На инаугурациските свечености, Тифани присуствуваше со својот партнер Рос Меканик, кој всушност е демократ и ја поддржуваше Хилари Клинтон.