Синоќа, во Долби театарот во Холивуд се одржа 92-рата по ред манифестација на доделување на престижните награди Оскар.
Јужнокорејскиот филм „Parasite“ го приреди најголемото изненадување на вечерта, освојувајќи Оскар за Најдобар филм. Ова е првпат во историјата Академијата на филмски уметности и науки да му ја додели главната награда на филм од неанглиско говорно подрачје. „Parasite“ исто така победи и во категоријата Најдобар интернационален филм, во која беше номиниран и нашиот „Honeyland“, како и во категоријата Најоригинално сценарио.
Режисерот на „Parasite“, Бонг Џун-хо, ја присвои златната статуетка за Најдобар режисер.
Хоакин Феникс ја зазеде челната позиција во категоријата Најдобар актер за својата маестрална глума во филмот „Joker“. За Најдобра актерка беше прогласена Рене Зелвегер за улогата на Џуди Гарланд во биографската драма „Judy“.
Бред Пит, за првпат по 30-годишна кариера, доби Оскар за неговото актерство. Во негови раце заврши наградата на Најдобар актер во споредна улога за „Once Upon A Time… In Hollywood“. Оскар за Најдобра актерка во споредна улога доби Лора Дерн за „Marriage Story“.
Најдобар анимиран филм стана „Toy Story 4“, додека „Hair Love“ беше прогласен за Најдобар краток анимиран филм. Статуетката за Најдобар документарец му беше доделена на „American Factory“.
Роџер Дикинс ја доби наградата за Најдобар кинематографер.
Целосната листа на победници можете да ја најдете тука.