Фотосесијата на списанието „W“ со Пенелопе Круз се фокусира на егзотичните црти на нејзиното лице. Фотографиите на дуото Мерт и Маркус за септемвриското издание на „W“ изгледаат прекрасно, бидејќи во преден план се убавите крупни очи на успешната актерка.
Интервјуто за списанието е насочено кон кариерата на 38-годишната актерка – почетоците и работата со Вуди Ален и Хавиер Бардем. На прашањето дали се сеќава на првата аудиција, Пенелопе одговорила: „Да, беше за жената која подоцна ми стана менаџер и која сè уште работи со мене. Таа тестираше уште 300 други актери. Јас имав 14 години и таа сакаше да читам сцена од Казабланка, што е невозможно кога си на таа возраст. Кога имав 16 години ја добив улогата во Jamón, Jamón. Се разбира, морав да лажам за мојата возраст. И морав да ги лажам моите родители за содржината на сценариото.“
Исто така, таа споделила дека Вуди Ален толку многу им верувал нејзе и на нејзиниот сегашен сопруг Хавиер Бардем, што им дал да преведат дел од сценариото за „Vicky Cristina Barcelona“. „Тој ни го даде сценариото коешто го имаше напишано на англиски и ни даде слобода да преведуваме и да импровизираме. Вуди неодамна ми рече дека сè уште не знае дали ние зборуваме за атомската бомба. Истото е и со „To Rome With Love“ – тој не знае италијански. Јас го преведував мојот дел. Па, тој сè уште не знае што велам“ – изјавила таа.
Пенелопе е многу заштитнички настроена кон својот приватен живот, особено по раѓањето на првото дете со Хавиер. За мајчинските инстинкти на Пенелопе, режисерот Педро Алдомовар изјавил: „Таа би сакала да ги застрела папараците кои се обидуваат да го фотографираат (бебето). Но, сериозно, отсекогаш знаев дека Пенелопе ќе биде прекрасна мајка. Таа не се плаши од љубовта. Можете да го видите тоа во нејзината работа“.