„Очајната“ Ева Лонгорија беше одлична домаќинка на вчерашното доделување на европските музички награди на MTV. Таа не само што се пресоблече 10 пати, туку и со секој нов костим имаше и нова фризура.
Со секоја комбинација Ева ја истакнуваше својата убава фигура.
Кети Пери, која беше водителка на големиот спектакл минатата година, се појави на сцената заедно со Ева и ѝ се обрати: „Сакав да проверам како се справуваш“. Лонгорија облечена во тесен блескав корсет и огромно здолниште побара од Кети да ѝ даде некој совет.
„Минатата година јас се преслеков 12 пати, па мислам дека уште една промена на костимот ќе сврши работа“ – рече Кети и ѝ го тргна здолништето на Ева, оставајќи ја облечена само по корсет.
35-годишната актерка освен елегантност и префинетост, покажа дека има и смисла за хумор. Во еден момент таа се појави на сцената облечена во фустан шунка, имитирајќи го фамозното појавување на Лејди Гага со фустан од месо на MTV VMA.
„Лејди Гага не можеше да биде тука вечерва, но го остави овој фустан во фрижидерот зад сцената“ – објасни Ева.
Очигледно беше дека Ева се забавува. На крајот таа најде време да ја изрази возбудата и на Twitter, поздравувајќи ги своите следбеници со пораката: „Благодарам Мадрид! Ја сакам Шпанија!...Толку многу се забавував! Сега се враќам на работа на DH“.