Никол Шерцингер е модерна во џинс комбинација на корицата на новото издание на „Cosmopolitan“ UK.
За женското списание, 36-годишната пејачка сними летна фотосесија на плажа во Малибу, Калифорнија.
Во фокусот на интервјуто со Никол застана нејзината мрачна борба со булимијата. Музичката ѕвезда пред две години за првпат јавно призна дека осум години живеела во канџите на булимијата. Тоа се случувало во годините кога Никол заедно со девојките од The Pussycat Dolls го освојуваа светот.
Булимијата е нарушување на исхраната. За разлика од анорексичните личности кои гладуваат за да имаат слаба фигура, лицата кои страдаат од булимија се прејадуваат и веднаш потоа се „празнат“ со провоцирано повраќање.
„Започнав да го губам гласот, не можев да пеам на настапите и се сеќавам дека менаџерот ме најде онесвестена на подот во Малта или во Јужна Франција. Си помислив: Ќе изгубам сѐ што сакам ако не се сакам себеси. Денот кога чувствуваш дека си стигнал на крајот, си велиш, нема повеќе да си го причинувам ова. Тажно е кога ќе помислам дека си го фрлав животот залудно. Надворешно имав одличен живот, The Pussycat Dolls беа на врвот на светот, но внатрешно се чувствував мизерно. Никогаш нема да си дозволам тоа да ми се повтори. Имаш само еден живот.“
„Мислам дека никој не знаеше од групата или од моето семејство, бидејќи многу добро го сокривав тоа, многу бев засрамена. Знаев дека не е нормално или здраво, зашто се повредував себеси преку тој круг на нарушено хранење. Тоа беше моја дрога, моја зависност. Тоа е бескраен и ужасен циклус“ – изјавила Никол.
Шерцингер веќе долги години води здрав живот и сега цели со својата приказна да ги охрабри оние кои се борат со слични проблеми.
„Тоа е многу ужасна парализирачка болест и тоа беше многу мрачен период за мене. Поради тоа можам да сочувствувам со луѓето кои се борат со свои демони и со гласовите во нивните глави, со оние кои не се добри кон себе. Те спречува да си го живееш животот. Но, можеш да се закрепнеш и да се ослободиш од тоа засекогаш. Јас го направив и затоа за мене е многу важно да ја споделам мојата приказна“ – рекла таа.