Канадскиот пејач Мајкл Бубле и актерката Луисана Лопилато, позната кај нас како Миа Колучи од „Млади бунтовници“, стапија во брак на 31 март оваа година и оттогаш направија три свадбени прослави.
Првите две ги приредија во Аргентина, родната земја на 23-годишната актерка, а последната се одржа изминатиов петок во родниот град на Бубле, Ванкувер, Канада.
Денес беа објавени фотографиите од канадската прослава. Уште од прв поглед може да се види дека младиот брачен пар уживал во луксузна забава во хотелот Pan Pacific. Бубле и неговата сопруга го прославија својот брак заедно со 500 блиски роднини и пријатели.
Веселата Лопилато носеше креација на аргентинскиот дизајнер Jorge Ibanez, а нејзиниот сопруг носеше костум од Hugo Boss.
Мајкл и Луисана се венчаа во Буенос Аирес. Тогаш невестата носеше виолетов краток фустан и сребрени обувки. Кога младоженците излегоа од матичното, надвор ги пречекаа нивните обожаватели кои кон нив фрлаа ориз и ливчиња од цветови.
На големата аргентинска прослава, која се одржа на имотот Villa Maria Paz, присуствуваа 300 гости. Луисана тогаш носеше бела венчаница од аргентинскиот дизајнер Sylvie Burstin и обувки од Кристијан Лобутин.
Мајкл и Луисана се запознале во ноември 2008 година, кога познатиот пејач признал дека се заљубил на прв поглед. Една година подоцна тој ја побарал нејзината рака.
Оние кои ја следат музичката кариера на Бубле знаат дека Луисана учествуваше во спотот за неговата песна „Haven't Met You Yet“.