Блејк Лајвли е лицето од корицата на најновото издание на списанието „Lucky“. 25-годишната актерка, која се прослави со популарната серија „Gossip Girl“, е вистинска модерна дама на фотографиите од едиторијалот на познатиот фотограф Патрик Демаршелие.
Лајвли освои многу обожаватели со стилот на Серена во „Gossip Girl“, но исто така е и една од најдобро облечените ѕвезди на црвениот тепих. За разлика од повеќето холивудски дами, таа нема стилист и самата е одговорна за својот моден избор за свечените настани.
„Никогаш не размислувам за тоа како ќе реагираат другите луѓе на начинот на којшто се облекувам. Дотерувањето рефлектира како се чувствувам“ – вели таа.
Минатата година Блејк Лајвли и Рајан Рејнолдс тајно стапија во брак, а сега младата актерка е посветена на реновирање на нивниот дом. „Среќна сум што сум со некој кој има подобар вкус од мене. Си влијаеме еден на друг на различен начин“ – рекла таа.
Што се однесува до стилот, Блејк вели дека постојано би сакала да се подобрува и да се менува. „Неодамна ме запрашаа како се променил мојот стил откако се омажив, како да живеам под некаква диктатура. Би требало да се надевам дека на 25 години се облекувам поразлично од времето кога завршив средно училиште. Се надевам дека никогаш нема да престанам да се менувам“ – изјавила Блејк за „Lucky“.