Арнолд Шварценегер е на мета на медиумите откако призна дека е татко на вонбрачно дете. Вчера беше откриен и идентитетот на љубовницата на поранешниот гувернер. Но, она што најмногу ја изненади јавноста беше информацијата дека швалерката и сопругата на Арнолд Шварценегер биле бремени од него во исто време.
Двете деца на Шварценегер се родиле во период од помалку од една недела. Неговата сопруга, Марија Шрајвер, го родила нивниот втор син на 27 септември 1997г., а неговата љубовница, Милдред Патриција Баена, го родила вонбрачното дете на 2 октомври истата година.
Шварценегер за вонбрачното дете дознал дури неколку години по раѓањето. На почетокот Милдред лажела дека детето е од нејзиниот сопруг, Рогелио Баена. На изводот за раѓање на детето, чиј идентитет се држи во тајност за да се зачува неговата приватност, како татко е наведен тогашниот сопруг на Милдред.
Но, во документите за развод не е наведено дека Милдред и Рогелио имаат деца, така што се претпоставува дека тој дознал за неверството на неговата сопруга со Шварценегер.
Арнолд пред неколку дена призна дека е татко на вонбрачно дете. Се верува дека тоа е причината за неговата разделба со сопругата Марија со која беа во брак 25 години.