Поранешниот гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, признал дека има вонбрачно дете со куќна помошничка која долги години му служела на неговото семејство.
Иако аферата се случила пред 10 години, 63-годишниот актер ѝ ја соопштил шокантната вест на својата сопруга на почетокот на оваа година. Токму тоа била причината за 55-годишната Марија Шрајвер да се исели од нивниот заеднички дом и да соопштат дека се разделуваат.
„Откако ја напуштив функцијата на гувернер, ѝ кажав на мојата сопруга за овој настан кој се случи пред повеќе од една деценија. Ги разбирам и ги заслужувам чувствата на лутина и разочарување кај моите пријатели и семејството. Нема изговори за тоа што го направив и преземам целосна одговорност за болката што им ја причинив. Им се извинив на Марија, на децата, на моето семејство. Навистина ми е жал.“
„Ги молам медиумите да имаат почит кон мојата сопруга и децата во овој екстремно тежок период. Додека јас го заслужувам вашето внимание и критики, моето семејство не ги заслужува“ – изјавил Шварценегер за Тhe Los Angeles Times.
Идентитетот на мајката на вонбрачното дете на Арнолд не е откриен. Познато е дека жената работела за семејството 20 години, а се пензионирала во јануари оваа година.
Арнолд и Марија беа заедно 25 години и имаат 4 деца. Пред една недела тие објавија дека се разделуваат.