Хероите не носат секогаш наметка.
Ветеринарката Ени Харвлич им даде засолниште на повеќе од 40 животни кои избегаа од пожарите во Лос Анџелес и бараа безбедно место за да се засолнат. Добродушната докторка не се двоумела дали да ги отвори вратите од своите болници кога слушнала дека има животни во неволја на кои им е потребна помош.
Најпрво, таа добила повик од нејзиниот брат кој барал место за сместување на неговите зајак и мачка додека се евакуирал од пожарите кои беснееле во неговото соседство. Таа без размислување прифатила, но веднаш помислила и на останатите миленици кои ќе имаат потреба од помош.
Ени веднаш испратила апел преку социјалните мрежи дека има болница која може да ја отвори за да ги засолни животните кои немаат каде да се сместат.
„Ќе бидам среќна ако згрижам какви било животни кои треба да бидат евакуирани“ – напиша таа.
Досега, Ени има згрижено 20 мачки и 20 кучиња, како и зајакот на нејзиниот брат. Таа вели дека најголем дел од милениците се на сопственици на повеќе животни кои не можат да ги понесат со себе во хотелско сместување.
„Ве молам... Ве преколнувам. Земете ги вашите животни со вас кога ќе се евакуирате. Нема да можете да се вратите по нив. Земете ги и ќе најдете место за престој. Хотелите започнуваат да примаат миленици, има многу засолништа за животни, соседите ќе ви помогнат, ветеринарната заедница ќе биде тука за вас. Сите сме тука за да ви помогнеме. Кога сè изгледа изгубено, вашето семејство и вашата заедница ќе биде тука за вас. Ние ќе ви помогнеме со сите животни... Сите суштества, големи и мали. Сите сме во ова заедно“ – напиша Ени.