Љубителите на романтичната драма „The Notebook“ со задоволство ќе ја дочекаат веста за снимањето на нова серија според познатиот роман на Николас Спаркс.
Претседателот на мрежата „The CW“ ја потврди оваа информација и изрази огромно задоволство што Спаркс прифатил да биде извршен продуцент. Досега е познато дека серијата ќе го следи романтичното патување на главните ликови Ели и Ноа по Втората светска војна, но ќе се фокусира на нивната младост. Иако сценариото сè уште не е завршено, најверојатно од него ќе биде изоставен делот со старечкиот дом и соочувањето на Ели со Алцхајмерова болест.
„Не верувам дека ќе го видиме возрасниот пар. Но, нештата се менуваат во текот на снимањето“ – изјавил претседателот Марк Педовиц.
„The Notebook“ беше една од најпродаваните книги во 1996, а љубовната приказна за Ноа и Ели го освои светот и во 2004 година, кога беше создадена филмската верзија на делото на Спаркс. Главните улоги во филмот ги толкуваат Рајан Гослинг и Рејчел МекАдамс, кои заслужено добија пофалби од критичарите.