Почина Шенон Доерти. Славната актерка издиша за последен пат на 53-годишна возраст.
Ѕвездата од „Беверли Хилс 90210“ долги години водеше тешка борба со ракот, но нејзината здравствена состојба се влоши и таа ја изгуби последната битка.
„Со тешко срце потврдувам дека почина актерката Шенон Доерти. Во саботата, на 13 јули, таа ја изгуби битката со ракот откако многу години се бореше со болеста. Посветената ќерка, сестра, тетка и пријателка беше опкружена од нејзините сакани, како и од нејзиното куче Боуви. Семејството бара приватност за да може да тагува во мир“ – се вели во изјавата на нејзиниот публицист.
Нејзината борба започна во 2015 година, кога ѝ беше дијагностициран инвазивен рак на дојка кој метастазирал барем на една лимфна жлезда. По бројни хемотерапии, губење на косата и енергијата, Шенон во април 2017 година сподели дека ракот бил во ремисија.
За жал, тоа не беше нејзино збогување со болеста. Во 2019 година, Доерти откри дека ракот на дојка повторно се врати, но овојпат беше во четврт стадиум.
Низ годините, Шенон споделуваше трогателни фотографии од губењето на косата и примањето на терапиите. На почетокот на минатата година, таа откри дека болеста се прошири и дека разви метастази на мозокот, а потоа ги зафати и нејзините коски.
„Ракот во четврт стадиум се прошири на моите коски. Јас го гледам како видеоиграта Pac-Man. Каде, знаете, тие навлегуваат во твоите коски. Но, сега сме на многу добар режим кој добро ми делува. Па, продолжувам ден по ден, месец по месец, година по година.“
„Во јануари дознав дека имам метастази во мозокот, па моравме да направивме зрачење на мозокот и отстранивме еден од туморите за да му биде направена биопсија. А потоа, морав повторно да направам зрачење. Беше патување, дефинитивно едно од најстрашните нешта низ кои имам поминато во целиот живот“ – се отвори таа.
Во неодамнешно интервју, Шенон изјави: „Не се плашам од смртта. Знам каде ќе одам. Ќе се плашев од смртта ако не бев добра личност, но сум. Не сакам да умрам, тоа е разликата. Не се плашам да умрам, туку едноставно не сакам да умрам“.
Шенон се прослави со улогата на Бренда Волш во серијата „Беверли Хилс 90210“, а подоцна и како Пру во серијата „Волшебнички“.