Пол Вокер, ѕвездата од филмовите „Fast & Furious“, загина во сообраќајна несреќа.
Пол и неговиот пријател присуствувале на хуманитарен настан во близина на несреќата и одлучиле да се повозат со автомобил Porsche Carrera GT.
„Со навистина тешко срце мораме да потврдиме дека Пол Вокер загина денес во трагична сообраќајна несреќа, додека присуствуваше на хуманитарен настан за својата организација Reach Out Worldwide. Тој беше сопатник во автомобил на свој пријател, во кој и двајцата ги загубија животите“ – се вели во соопштение објавено на Facebook страницата на Вокер.
Полицијата верува дека возачот изгубил контрола поради преголема брзина.
Веднаш по несреќата, веста за запаленото возило стигнала до пријателите и вработените на Вокер кои биле присутни на хуманитарниот настан. Многумина се упатиле кон местото на несреќата и пред да пристигне противпожарното возило се обидувале да го изгаснат запалениот автомобил и да ги извадат двајцата патници, но не успеале.
Вокер е познат по филмовите „Fast & Furious“. Тој ја имаше и главната улога во филмови како „Joy Ride“, „Into the Blue“, „Timeline“ и „Eight Below“.
Меѓу илјадниците кои тагуваат за смртта на Вокер е и неговата 15-годишна ќерка Медоу Рејн. Оние кои некогаш соработувале со Вокер или ја следеле неговата кариера ги преплавија социјалните мрежи со коментари исполнети со тага и мили зборови.