Кралицата на медиумите, Опра Винфри, вчера во своето шоу откри голема семејна тајна. Опра ја претстави својата полусестра за која до пред два месеци не ни знаела дека постои.
„Поголемиот дел од мојот живот беше отворена книга. Мислев дека имам видено скоро сè и дека ја имам слушнато секоја приказна. Мислев дека ништо не може да ме изненади. Но, не било така“ – изјавила Опра.
56-годишната телевизиска ѕвезда во шоуто признала дека сакала сама да ја објави приказната за да не биде искористена од другите медиуми. Нејзината сестра зборувала за детството и за обидите да го пронајде своето вистинско семејство.
Патриша била родена во 1963г. и веднаш била дадена на посвојување. Мајката на Опра не можела да се грижи за неа и ја оставила во болницата, но никогаш не ѝ кажала за тоа на Опра. Во тоа време 9-годишната Опра живеела со својот татко.
Кога имала 17-години, Патриша го родила своето прво дете, ќерката Аквариус, а 6 години подоцна добила и син, Андре. Во текот на својот живот, Патриша два пати се обидела да стапи во контакт со вистинското семејство. Вториот пат, во 2007г., ѝ биле дадени документите за посвојување и таа открила дека во моментот на нејзиното раѓање имала 4 и пол годишна сестра, 2 годишен брат и уште една 9-годишна сестра (Опра).
Во документите уште стоело и дека братот и едната нејзина сестра се починати, но другата сестра е сè уште жива.
Еден месец подоцна, Партиција преку телефонски повик дознала дека нејзината вистинска мајка одбива да се сретне со неа. Но, истиот ден на телевизија таа видела интервју со мајката на Опра, Вернита Ли. Во интервјуто, Вернита открила информација дека братот и сестрата на Опра се починати, а тоа се совпаѓало со информациите што Патриша ги имала за своето биолошко семејство.
Кога Вернита ги соопштила и имињата на братот и сестрата на Опра, Патриша била шокирана. Нејзиниот син онлајн побарал биографија на Опра и веднаш ги споредил податоците. Тогаш за прв пат откриле дека Опра и Патриша всушност се полусестри.
Но, тука не завршува приказната на Патриша. Таа 3 пати се обидела да стапи во контакт со мајката на Опра и секој пат завршувал неуспешно затоа што Вернита одбивала со одговорот дека не е подготвена.
Тогаш, Патриша стапила во контакт со внуката на Опра и направиле ДНК тест со кој се докажало дека се во роднинска врска. Опра дознала за Патриша минатиот октомври.
„Замислете колку бев шокирана пред неколку месеци. Беше крајот на октомври, точно пред денот на благодарноста, кога дознав дека имам друга сестра што живее само 90 минути возење од мене. Она што е уште поневеројатно е што таа го има истото име како и мојата прва сестра што почина, Патриша“ – изјавила Опра.
Таа уште изјавила и дека е многу воодушевена од Патриша, затоа што не отишла со својата приказна во медиумите, како што тоа претходно го имале направено блиски луѓе на Опра.
Другите медиуми сè уште не можат да си одговорат на прашањето како Опра успеала во текот на овие месеци да ја зачува својата тајна. Дури и откако во четвртокот била снимена емисијата, тајната не излегла во јавноста.
Еден новинар признал дека му се јавил на секој од публиката за да дознае за што се работи, но сите ѝ останале лојални на Опра и никој не ја издал нејзината тајна.