• Вторник, 29 Јуни 2010 12:17
„Форбс“ ја објави овогодишната листа на најмоќните личности од светот на шоу-бизнисот. Во неа влегуваат актери, ТВ личности, модели, спортисти, музичари и комичари, а рангот им се определува кога ќе се земе во предвид нивната заработка од 1 јуни 2009 до 1 јуни 2010 и ќе се оцени нивната присутност во медиумите.
Кралицата на медиумите, Опра Винфри, си ја врати круната туркајќи ја минатогодишната победничка Анџелина Џоли на 18-тото место. Опра во изминативе 12 месеци заработила вкупно 135 милиони долари. Таа го привлече вниманието на медиумите кога објави дека планира да го прекине нејзиното шоу.
На второ место се најде незапирливата Бијонсе која се искачи две места погоре од минатата година. Нејзината заработка во изминатава година е 87 милиони долари. Најголемиот дел од заработката (85 милиони) познатата Бијонсе го остварила од нејзината турнеја.
Првиот маж на листата е режисерот Џејмс Камерон. Благодарение на филмскиот хит „Аватар“, Камерон заработил дури 210 милиони долари во изминатава година. Тоа воопшто не е чудно ако се знае дека „Аватар“ е филмот со најголема заработувачка на сите времиња.
Ексцентричната Лејди Гага го зазеде четвртото место, излегувајќи многу места пред докажани ѕвезди како Мадона (10-то место) и U2 (7-мо место). Во изминативе 12 месеци, Гага заработила 62 милиони долари.
Голферот Тајгер Вудс го има 5-тото место на листата на Форбс. Последните неколку месеци тој доби огромно внимание од медиумите, но не поради неговите успеси, туку поради скандалите во кои беше замешан. Сепак, и покрај сето тоа, Тајгер успеал да заработи 105 милиони долари.
Популарноста на вампирската сага „Самрак“ го однесе Роберт Патинсон на 50-тото место, а неговата партнерка Кристен Стјуарт на 66-тото место на листата.
Оваа година некои славни личности воопшто не успеаја да се пласираат. На пример, раперот 50 Cent, кој минатата година беше на 50-то место, оваа година не влезе во листата поради неуспехот на неговиот нов албум и отсуството од медиумскиот простор поради екстремното слабеење за неговиот нов филм Things Fall Apart.
Топ 10 најмоќни славни личности
- Опра Винфри
- Бијонсе
- Џејмс Камерон
- Лејди Гага
- Тајгер Вудс
- Бритни Спирс
- U2
- Сандра Булок
- Џони Деп
- Мадона