Оливија Њутон-Џон по вторпат се бори со рак. Славната пејачка и актерка, позната по улогата на Сенди во мјузиклот „Брилијантин“, објави дека ги одложува концертите поради сериозен здравствен проблем.
Имено, 25 години откако првпат ѝ бил дијагностициран рак на дојка, докторите откриле дека ракот се вратил и дека метастазирал во крстната коска.
68-годишната ѕвезда сподели и дека веќе има направено избор за лекувањето и ги одложува концертите за да може да се фокусира на новата битка.
Пред две недели, Оливија одложи неколку концерти поради болки во долниот дел на грбот, но сметаше дека станува збор за ишијас. За жал, сега се знае дека таа болка била предизвикана од ракот.
Оливија првпат се соочи со рак на дојка во 1992 година. „Го открив ракот на дојка кај себе за време на самопреглед и раното откривање ми го спаси животот. Жените треба да се самопрегледуваат секој месец за да се запознаат со своето тело и да забележат ако има промени“ - изјави таа минатата година.