Оливер Драгојевиќ ја потврди тажната вест дека е болен. 69-годишниот хрватски пејач сподели дека наскоро ќе започне со лекување, бидејќи му е откриено туморозно ткиво.
„Да, болен сум и во моментот сум во процес на испитувања. Треба да се види со какви методи ќе се лекувам, пронајдено е туморно ткиво“ - изјавил Оливер за хрватскиот медиум „100posto“ и додал дека болеста е последица на старост, а не на пушење.
За хрватскиот медиум Dnevnik, славниот пејач изјавил: „Добро се држам. Што е тука, тука е. Почнувам со испитувања, па ќе видиме како ќе продолжиме понатаму. За тоа за каква дијагноза се работи, не сакам да зборувам. Тоа е лична работа и за тоа разговарам само со стручни лица. Немам црни мисли. Добро се чувствувам, па не гледам никаков проблем. Само храбро.“
Според непотврдени информации од хрватските медиуми, станува збор за тумор на белите дробови.