Марк Закерберг со нетрпение очекува да стане родител. Пред неколку часа основачот на социјалната мрежа Facebook објави фотографија на која го прегрнува трудничкото стомаче на својата избраничка Присила Чен и доби повеќе од 600 илјади лајкови.
Во описот на фотографијата, направена од неповторливата Ени Либовиц, Марк со зборови полни љубов го опишува карактерот на сопругата. „Ова е прекрасна фотографија од Присила. Го обожавам нејзиниот израз: интензивен, а мил; жесток, а полн со љубов; лидерски, а секогаш полн со поддршка за другите. Ти благодарам Ени Либовиц што го долови толку убаво нејзиниот дух“ – пишува Закерберг во описот на фотографијата.
Парот објави дека го очекува своето прво дете во јули со емотивен текст во кој откри дека Присила претходно имала три спонтани абортуси.
Марк и Присила стапија во брак на 19 мај 2012 година во дворот на нивниот дом во Калифорнија.