Со македонската премиера на „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски, завршува 22-тото издание на CINEDAYS. Прикажувањето на филмот ќе се одржи вечерва во МКЦ парк во 21 часот.
Филмот е прво долгометражно остварување на авторот, кое доживува екранизација и адаптација по долги години откога е напишано.
„Сценариото го започнав уште како студент во Париз, во 2002 година, и не очекував дека филмот некогаш ќе го снимам. Кога се вратив во Македонија, повторно налетав на сценариото во една кутија, и го препрочитав од љубопитност. Сфатив дека има добра подлога за филм, и решив да го адаптирам за македонски услови, бидејќи во таа верзија, дејствието се случуваше во Париз. Одамна сакав да направам приказна во која давам коментар за некои социјално релевантни теми, а сето тоа да биде ненаметливо спакувано“ – вели Цветановски во пресрет на премиерата на филмот.
По премиерата на филмот во Бугарија на фестивалот „In the palace“ во Софија, каде ја освои наградата за најдобар филм. Цветановски со нетрпение ја очекува реакцијата на македонската публика, за која вели дека го има последниот збор.
Филмот „Бизнисот на задоволството“ е трилер – драма во која новинарка е опседната со исчезнувањето на најдобрата пријателка, жртва на трговијата со жени. Таа подготвува тајна операција со цел да ја разоткрие криминалната мрежа. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола и се борат да спасат жива глава.
Сценариото, монтажата и режијата се на Гоце Цветановски, а кинематографер е Фејми Даут.
Продуцент на филмот е на Македонската крепост, A White River Films, City Star Production, Seven Image и 351 Studio.
Во филмот играат: Слаѓана Вујошевиќ, Муса Исуфи, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски и Елени Декидис.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм. Медиумски партнери на проектот се Femina.mk, Fakulteti.mk, sdk.mk и Слободен печат.