Во октомври минатата година, под посебни протоколи за заштита од КОВИД-19, се снимаше филмот „Денот на жената“ во Скопје и Куманово.
Првото филмско дело режирано од Гоце Цветановски фокусот го става на трговијата со луѓе, присилната проституција и насилството врз жените, но носи длабока човечка порака.
Оваа сабота (16 јануари), преку краток тизер, ќе можеме за првпат да ѕирнеме во новиот филм.
Главната женска улога ја толкува талентираната Слаѓана Вујошевиќ, додека главните машки улоги им припаднаа на Муса Исуфи и Исмаил Касуми, многукратно наградувани актери од Кумановскиот театар.
Дел од актерскиот тим се и Катерина Коцевска, Елени Декидис, Егзона Салиху, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Мендим Муртези и Авни Далипи.
Директор на Фотографија е Фејми Даут, кој минатата година беше номиниран за Оскар со филмот „Медена Земја“.
Филмот се снима со поддршка на Агенцијата за филм. Медиумски партнери на проектот се femina.mk, fakulteti.mk, skd.mk и Слободен печат.